Претседателот Стево Пендаровски, потпиша указ за поставување на Пајо Авировиќ на должноста Специјален пратеник на Претседателот на Македонија, при Постојаниот совет на Меѓународната Организација на Франкофонијата.

Амбасадорот Пајо Авировиќ е актуелен директор на Директоратот за билатерални односи со воневропски држави во Министерството за надворешни работи на Македонија, каде работи повеќе од две децении. Во текот на својата професионална кариера бил амбасадор во Државата Израел (2009-2011 и 2014-2018) и шеф на постојаната мисија на Република Македонија во Обединетите нации во Њујорк (2011-2014).

Дипломирал Ориентална филологија – турски јазик и книжевност и арапски јазик и книжевност на Универзитетот во Сараево, магистрирал Ориентална филологија на Универзитетот во Белград, а се образувал и на Националната школа за администрација во Париз – ЕНА.

Покрај мајчиниот македонски јазик, како и српскиот јазик, Авировиќ зборува и англиски, француски, германски, турски, хебрејски и арапски јазик.