САД силно веруваат и се убедени дека Договорот од Преспа, долгорочно, ќе биде во корист и на двете земји и на нивните граѓани, вели американскиот амбасадор во Грција, Џефри Пајат во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, и уште еднаш ја изразува поддршката на САД за договорот.

Пајат вели дека клучно за договорот, било лидерството што го покажале премиерите на двете земји, но и нивната голема политичка храброст и визија. Американскиот амбасадор во Грција, додава дека голема заслуга имал и медијаторот Метју Нимиц, кој покажал трпеливост сите овие години во конкретниот процес.

– Позицијата на САД е јасна. Овој договор беше постигнат од две суверени, демократски избрани влади и заслугата за овој резултат оди кај премиерот Ципрас и на премиерот Заев, и двајцата покажаа голема политичка храброст и визија. Верувам, како што кажав и во Солун, дека оваа визија ќе биде оправдана од историјата. Интересно за мене беше, при последната посета на Солун, да слушнам, дури и од бизнис заедницата таму, дека постои јасно препознавање на економските бенефиции, што ќе произлезат од решавањето на ова прашање, кое што премногу долго беше нерешено, вели Пајат.

Американскиот амбасадор во Атина, вели дека за САД од стратешко значење е членството на Македонија во НАТО и додава дека Договорот од Преспа имал многу важно влијание врз американската перцепција на Грција, како безбедносен партнер за САД и НАТО, но и за улогата на Грција во помагањето да се изгради постабилен и повеќе просперитетен регион.

– За САД, гледајќи го Скопје брзо да напредува кон членство во НАТО е клучен аспект во нашата стратегија за стабилизација на регионот, за справување со проблемот со штетното влијание од Русија и да помогне да јасно дека судбината на сите овие држави е да биде кон Запад, Европа и евро- атлантските институции, вели Џефри Пајат во интервјуто за АНА-МПА, пренесува дописничката на МИА.

Во однос на критиките за Договорот од Преспа, американскиот амбасадор истакнува дека сфаќа дека станува збор за сложено прашање и ги почитува различните ставови во Грција, но изразува надеж дека и политичарите, но и општеството ќе препознаат дека „многу повеќе се работите што се добиваат од оние што се отстапуваат во Договорот од Преспа“.

Тој додава дека со договорот се тргна важната пречка – името, за улогата на Грција во регионот, но и за зголемена регионална соработка, за што и станало збор на неодамнешниот самит во Солун, во разговорите со Србија, Бугарија и Албанија околу инфраструктурата, завршување на автопатите, гасоводите и сл.