Фото: Игор Бансколиев

Деновиве јавноста беше сведок на уште еден флагрантен пример на изјава со политички мотивирани квалификации, преку која се направи обид да се дисквалификува целата македонска историографија. Обидот дојде одвнатре, токму од претседателот на македонскиот дел од историската комисија. Квислинг-синдромот преку кој се прави обид за деградирање на македонската нација, според бугарско сценарио, повторно излезе на виделина. Имавме неколку вакви примери и со професори поранешни носители на државни функции. Но овој пат такво нешто се појави токму во историската комисија, која требаше да испорача историска вистина и факти, наместо првиот човек да испорачува политички парадокси, бесмислици и невистини, наметнувани од официјална Софија

ПОВОД: ИЗЈАВАТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА МАКЕДОНСКИОТ ДЕЛ ОД ИСТОРИСКАТА КОМИСИЈА, ДРАГИ ЃОРГИЕВ

Кулминираат превирањата во македонскиот дел од комисијата, од која веќе излегоа тројца членови од првичниот состав. И покрај тврдењата на оние што останаа во комисијата дека „над нив нема политичко влијание“, сепак оние што не останаа во комисијата си заминаа токму поради, како што велат, „неподносливото политичко влијание“, при што презентираа и низа индикатори во полза на тоа тврдење. Со последното заминување на член од комисијата, во јавноста излегоа низа тврдења, некои од нив загадочно презентирани, кои сепак влегоа во радарот на интерес на јавноста, но веројатно и како предмет на интерес на надлежните институции. Изјавата, пак, на претседателот на историската комисија предизвика дополнителна конфузија, огорченост и жестина, при што неодминлив беше впечатокот дека коруптивната матрица е длабоко вкоренета во нашето општество и е најслабата точка токму кај личностите што се избрани да ги бранат државниот и националниот интерес.

Што точно рече претседателот на македонскиот дел од комисијата, Драги Ѓоргиев

Изјавата што беше дочекана со вчудовидување во македонската научна и политичка јавност, во јавноста квалификувана како скандалозна и политички мотивирана, а пак во Бугарија протолкувана како признание за фалсификат, а беше дадена од претседателот на македонскиот дел од комисијата, Драги Ѓоргиев, во едно медиумско интервју гласеше: „Во Македонија, историографијата беше во функција на градење на нацијата. Никој во Македонија не опонираше на ставовите на нашите историчари. Никој. Тие имаа слобода, тие имаа друга мисија. Тука ние треба да погледнеме похрабро кон тоа. Ова е факт, нашата нација вака е изградена и не треба да се плашиме од тоа. Нашата нација е изградена. Имаме во минатото, кога е градена таа нација, кои не кореспондираат со академската наука. Некои прашања биле или тргани настрана, или селективно бирани. Имало и правење на фалсификати и тоа треба да се каже. Наместо ‘Бугарин’, некои историчари пишуваа ‘Македонец’“.

Толку голем парадокс, што дури и сопствените научни трудови како историчар си ги компромитира како фалсификати

– Не разбирам како човек што треба да ги претставува и брани македонската историска наука и македонската нација со научни аргументи, изнесува во јавност такви политички мотивирани квалификации, кои ја дисквалификуваат целата македонска историографија и ја деградираат македонската нација како фалсификувана. Не разбирам што сака да каже: дека Македонците се Бугари, дека сме ја фалсификувале историјата за градење на нацијата? Недоветно и дегутантно да се зборува за историски фалсификати во 21 век! Ако се тврди такво нешто, мора да се излезе со конкретни аргументи и го повикувам претседателот на македонскиот дел од историската комисија, доколку ги има, да ги обнароди т.н.фалсификати на македонската историографија. Тоа е толку голем парадокс, што дури и сопствените научни трудови како историчар, професорот Ѓоргиев ги компромитира како фалсификати – вели професорот од Институтот за национална историја, Тодор Чепреганов, колега на професорот Драги Ѓоргиев.
Професорот Чепреганов укажува на податокот дека имало еден-два издвоени случаи во минатото кога македонски историчари сметале дека споменувањето „Бугари“ во одредени документи од одреден историски период треба да се „читаат како Македонци“, но немало интервенции во документите, што би имплицирало на фалсификати, туку тоа се издвоени научни гледишта.
– За тоа се дискутирало и во македонските и во бугарските историски кругови, и тоа е расчистено. Не може и не смее поради издвоени научни гледишта да се наметнува фалсификаторска дамка на македонската историографија, а македонската нација да се нарекува „фалсификат“. Особено што во бугарската историографија има многу поексплицитни фалсификати – вели историчарот Чепреганов.
Професорот Чепреганов смета дека ваквите изјави на претседателот на македонскиот дел од комисијата го доведуваат во прашање научниот кредибилитет на целата комисија.
– Ако во македонската историографија имало фалсификати, зошто членовите на комисијата не ги откриле пред нејзиното формирање? Зошто членовите на македонскиот дел од комисијата немаа забелешки за содржините на историските учебници во Македонија пред само три-четири години, пред да биде формирана комисијата како резултат на Договорот за добрососедство? Целата работа на комисијата и изјавите на нејзините членови се политички мотивирани. Ако беа научно мотивирани при оставките на тројца членови од нејзиниот првичен состав, преостанатите членови ќе застанеа во заштита и одбрана на нивните научни аргументи и укажување за политички притисоци. Така ќе покажеа дека нема политичко влијание во работата на комисијата. Со останувањето во комисијата, застанаа зад политиката. Всушност, комисијата е формирана со цел историчарите да испорачаат резултати според Договорот за добрососедство, кои ќе ѝ угодат на едната страна – на бугарската. Зарем некој очекува дека Бугарија ќе ја внесе македонската нација во своите учебниците, кога политички не ја признава – поставува повеќе реторички прашања професорот Чепреганов.

Дали претседателот на македонскиот дел од комисијата ја разбира тежината на својата изјава

Во однос на наводите за „фалсификати“ во македонската историографија, универзитетската професорка историчарка Наде Проева се прашува дали претседателот на македонскиот дел од комисијата навистина не ја разбира тежината на својата изјава, или ја дал во интерес на политичко олеснување за отстранување на бугарското вето, за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ.
– Изјавите за фалсификат во македонската историографија се хиперболизиран заклучок за нешто што во науката се гледа како на случај за методолошка грешка. За историјата понекогаш се вели дека е субјективна, зашто работите треба да се гледаат и толкуваат во историскиот контекст. Издвоените случаи од почетоците на самостојното пишување на македонската историја (зашто пред формирањето на македонската држава, главно, други ни ја пишувале историјата нам, на Македонците) се во духот на одредена слободарска еуфорија, при што, според процена на историскиот контекст, имало случаи во документите каде што е напишано Бугарин, во научната интерпретација да биде наречен Македонец. Но тоа не значи менување на изворниот документ, т.е. фалсификат, туку повеќе несоодветен методолошки пристап, во фуснота да се означи содржината од оригиналниот документ. Всушност, секоја национална историографија, кога се формира, тргнува од митовите. А терминот „Бугарин“ треба секогаш да се гледа според соодветниот историски контекст – вели професорката Наде Проева.


Повеќезначноста на именувањето „Бугари“

Историчарката Наде Проева во една поранешна колумна во „Нова Македонија“ ја објаснува повеќезначноста на терминот „Бугари“ во согласност со историскиот контекст.
– Работа што е разјаснета, но, за жал, премолчувана и недоволно разгласена, е повеќезначноста на ознаката – именувањето – Бугари. Имено, сѐ до создавањето на современата бугарска држава оваа ознака имала повеќе значења, затоа што националното будење на балканските народи почнува со борбата за ослободување од османлиска власт. Имено, во османлиската држава не се признавале народи, туку вероисповед, та така ознаките Грци-Ромеи, Бугари, Срби немале етничко, туку верско и социјално значење. Во 15 век, Османлиите признавале три вери (народи): ерменско-грегоријански, еврејски и рум милет, во кој влегувале сите православни христијани на Балканот, за кои била одговорна Цариградската патријаршија, та така со терминот Грк/Елин првенствено се означувал секој православен христијанин, а потоа трговец.

Со Бугарин се означувал словенски селанец, земјоделец, градинар, а поради презирот на Грците кон Бугарите, православните Бугари во градовите сами себеси се нарекувале Елини, за што имаат пишувано многу странски, дури и бугарските учени (А. Балан, М. Младенов). Освен овие причини, за наметнување на името Бугари за Македонците, голема улога одиграла и бугарската пропаганда, која била поддржувана од страна на Отоманската Империја. Така, во 1870 г., Бугарија добила право да има своја црква – егзархија, која во Македонија отворала цркви и училишта на бугарски јазик со намера побугарување на Македонците. Целта на Османлиите била со давањето право за отворање училишта и цркви во рамките на империјата да ги раздели христијанските народи (Грци, Бугари, Срби, Романци) за поуспешно да владее со нив. Името Бугари било раширено и прифатено од Македонците, како поради блискоста на јазикот така и поради тоа што Македонците и Бугарите до средината на 19 век заедно ја воделе борбата за преродба. Но од втората половина на 19 век започнува разделување, првенствено на јазичен план, со што се засилува македонската национална свест – пишува професорката Наде Проева.