Стојко Пауновски

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски и премиерот Зоран Заев преку медиумите влегоа во јавна дискусија околу прашањето за вработените по Рамковен договор.

Пауновски, во изјава за „Фактор“, нагласи дека нема намера да го потпише решението за вработување на 35 лица по Рамковен договор кои се доделени на инспекторатот од страна на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, во рамки на програмата К-5.

– Јас испратив писма со аргументи и до премиерот, и до вицепремиерот, во кое детално објаснувам зошто нашата институција не може да ги прифати сите овие 35 вработени, туку можеме да прифатиме само 12 од нив кои имаат квалификации – истакна Пауновски за „Фактор“, додавајќи дека нема да го потпише решението за нивно вработување.

Заев потоа реагираше, порачувајќи да се спроведе договореното.

– Сакам да истакнам порака до сите оние директори што прават отпор, да не прават отпор. Секој има шанса чесно да ја работи својата работа, односно да работи. Ако не му се работи, да им се заблагодариме, да си одат дома. Треба да ги спроведеме одлуките или да кажеме зошто не се спроведуваат, а не да водиме, така да кажам, јавна војна преку медиумите – рече Заев.

Премиерот очекува во наредниот период да се најде решение и за преостанатите 350 вработени во јавната администрација кои допрва очекуваат распределување.