Американскиот претседател Џо Бајден упати честитка по повод 8 Септември

Претседателот на САД, Џо Бајден, по повод 8 Септември, Денот на независноста, упати честитка до претседателот на Македонија, Стево Пендаровски.

Од кабинетот на Пендародвски во целост ја објавија содржината на честитката од претседателот Бајден:

„Почитуван господин претседател,

Во име на американскиот народ, го честитам денот на независноста на Северна Македонија. Одбележувајќи ја оваа прилика, ние исто така ја одбележуваме 25-годишнината од нашите дипломатски односи и силното пријателство меѓу нашите две нации. Нашите земји ги обединуваат семејните и историските врски, како и нашите заеднички демократски вредности и посветеност на човековите права. Нашето партнерство ќе продолжи да им користи на нашите народи во годините што доаѓаат.

Со гордост ја поздравивме Северна Македонија како 30-ти сојузник на НАТО минатата година, признавајќи дека Вашата земја даде витален придонес за безбедноста и стабилноста на регионот долго пред таа да се приклучи на Алијансата. Ви благодариме што оваа година бевте домаќин на мултинационалната вежба „Решителен удар 21“ во центарот за воена обука Криволак и што повторно ги покажавте водечките капацитети и подготвеноста на Северна Македонија.

Како што Вашата земја продолжува да напредува – зголемување на просперитетот за сите Ваши граѓани, подобрување на владеењето на правото, зајакнување на Вашите демократски институции – САД остануваат ваши силни и непоколебливи поддржувачи.

Со нетрпение очекуваме да соработуваме со Северна Македонија на патот на спроведувањето на реформите што ќе ја обезбедат европската иднина на вашата земја, вклучително и пристапувањето во Европската Унија.

Ви посакувам безбеден и среќен Ден на независноста и ви благодарам за вашето долгогодишно пријателство“, се наведува во пораката на американскиот претседател, Џо Бајден.