Нефункционалноста на одредени државни институции се наметна како актуелна тема изминатиот период, со оглед на фактот што редица значајни институциите се така речено обезглавени и немаат раководни структури. Така, со месеци нема директор и заменик-директор на Заводот за ревизија, која инаку е клучната институција за контрола на трошењето на државните пари. Натаму, раководни лица не се поставени, поради непостоење меѓупартиски договор, и во Дирекцијата за заштита на личните податоци, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, не е избран ниту нов програмски совет на Македонската радио-телевизија и подолго време чека и изборот на членови на Агенцијата за медиуми.

Во контекст на овие случувања за забележување е фактот дека кога се говори за институции се подразбира професионална непартиска кадровска подружница, на која на прво место ѝ се интересите на граѓаните и давањето услуги на населението и која функционира врз професионални европски и светски стандарди.
Во сублимиран заклучок експертите со кои се консултиравме велат дека кај државите со поразвиено практикување на демократијата од Македонија, институциите функционираат непречено без притоа тие да зависат од договор на главните политички актери или од изборниот процес во кој се наоѓа земјата.
Според аналитичарите, токму затоа овие државни органи се сметаат за темел или ’рбет на една земја, а кадрите во нив особено оние што се поставени на раководни позиции се избираат врз професионални и менаџерски принципи, бидејќи токму овие државни тела се практичен репрезент за тоа како треба да изгледа, дејствува и да функционира една организирана и модерна земја.

Токму затоа, советуваат аналитичарите, оние што раководат со земјата треба да дадат максимални напори да овозможат функционалност на овие државни институции, особено ако се знае дека земјата се наоѓа во предизборен период.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека состојбата во земјата е таква во сите оние институции каде што се бара барем минимален политички консензус за назначувања функционери што ќе раководат со овие државни тела.

– Најголем дел од институциите што немаат свои први луѓе не се поврзани со назначување со мандатот со актуелната влада и можеби затоа тука се појавува овој проблем во дејствувањето. Токму затоа мора да се најде некое решение за да има одредена усогласеност од партиите за овој проблем. Од друга страна, доколку не може да се најде ваква усогласеност тогаш, можеби, би требало да се размисли да се одделат институциите од партиски именувања, номинирања во парламентот и влада и слично, а сето треба да се врши со јавен оглас на пример по примерот како што се прави тоа во САД кога се избира јавен обвинител на Америка – вели Арсовски.
Слично размислува и Милан Стефаноски, кој додава дека една од главните пречки за во земјата да се почувствува европскиот начин на живот е токму функционирањето на државните институции.

– Токму поради партиското назначување директори на врхушката од институцијата, па потоа и надолу во целата организација, овие државни тела наместо професионално да работат тие функционираат врз принцип на политичка припадност. Вработените не се грижат брзо и ефикасно да работат за да си ги задржат своите работни места, туку тие се преокупирани со одржување партиски релации бидејќи од нив директно зависи каде, како и до кога ќе работат во некоја државна институција – вели Стефаноски.
Според аналитичарот, доколку навистина сакаме да сме дел од ЕУ, тогаш можеби треба да ги послушаме критиките на меѓународната заедница, поради кои најверојатно и не добивме покана за почеток на преговори со Унијата и да започнеме да работиме најмногу токму на ова прашање.

– Тоа ќе значи намалување на превработеноста во администрацијата, комплетна департизација и поставување стручни кадри преку непартиски огласи за раководење на овие државни тела – вели Стефаноски.

[email protected]