Фото: Маја Јаневска-Илиева

НЕПОСАКУВАНО ЗДРАВСТВЕНО СЦЕНАРИО ПО ИЗБОРИТЕ

Ќе брои ли Македонија заразени од ковид-19 следниот месец од евентуален кластер наречен избори, слично како што ѝ се случи тоа на Србија, е стравот што се појавува во јавноста, по партиските прослави во штабовите вечерта на 15 јули, по завршувањето на гласачкиот процес. Иако изборниот ден и чинот на гласање помина главно без никакви проблеми и со почитување на сите мерки за заштита, сепак сликите од партиските штабови ноќта беа сосема поинакви. Министерот за здравство, Венко Филипче, на својот фејсбук-профил ги пофали изборниот ден и гласањето по протоколи, но не ги коментираше партиските прослави што се случуваа ноќта. Сепак, граѓаните на социјалните мрежи најмногу реагираат на она што се прикажуваше на телевизиските екрани од албанските партиски кампуси, каде што се гледаа гушкање на присутните, славење, односно непридржување кон мерките за заштита од ковид-19 и неносење маски и заштитна опрема.
Колку исчекувањето на изборните резултати и политичката победа се поважни од јавното здравје?
Ќе понесе ли некој одговорност за неодговорното однесување на политичарите и на партиските симпатизери во одредени штабови во исчекување на изборните резултати?
Дали затаи контролата од страна на здравствените власти?
Кој е надлежен за ваква превенција и дали можело да се спречи ова однесување во политичките штабови?

Аналитичарот Александар Спасеновски вели дека наспроти сите предупредувања на здравствените власти за држење дистанца, за носење маски и за честа дезинфекција на рацете, сепак снимките од партиските штабови за време на изборната ноќ во еден дел укажуваа на спротивното.
– Иако голем дел од присутните лица во партиските штабови сигурно ги почитуваат овие насоки, сепак, донекаде разбирливо, поради еуфоријата и тензичноста во изборната ноќ кога се чекаат резултатите од гласањето на граѓаните, ваквите мерки во еден момент како да останаа неприменувани.

Сигурно и во текот на самата изборна кампања ваквите инциденти биле почести поради што во деновите пред нас, може да се очекува извесно зголемување на бројот на заразените лица од ковид-19 – посочува Спасеновски.
Според него, искуството со Србија, каде што пред Македонија се организираа парламентарни избори, е потврда за оваа констатација.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека во текот на изборниот процес биле почитувани пропишаните мерки за заштита на гласачите. Но, според него, она што се случува во штабовите останува на личната одговорност на политичарите и на партиските симпатизери.
– Тогаш еуфоријата за изборните резултати си го прави своето и луѓето забораваат на здравствениот аспект. Во тие моменти политичкиот успех е поважен од здравјето. Секако, ако се утврдат неправилности во однесувањето во партиските штабови, институциите треба да поведат постапки и санкции – додава Муслиу.

Микробиологот Никола Пановски досега многупати во текот на изборната кампања посочувал дека самиот ден на гласањето не е толку опасен од здравствен аспект, колку што се опасни собирањата во партиските штабови на крајот од изборниот ден.
– Голема е опасноста од ширење на вирусот ако во штабовите седат повеќе луѓе во една просторија, ако не носат маски и не одржуваат дистанца. Ако има само еден ширач на болеста, тогаш ризикот за пренос е голем – објаснува Пановски.
Според него, најголем е ризикот во општините како Чаир и Сарај, каде што има најмногу заразени од ковид-19.

[email protected]