Фото: Маја Јаневска-Илиева

Актуелноста на политичките дилеми за спроведувањето на препораките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците, по барање од македонската влада, е одложена до декември, но и таквото навидум прераспоредување на политичките приоритети не ги стивнува отпорот и категоричноста на претставниците во власта од партијата ДУИ, ако е можно препораките на Венецијанската комисија воопшто да не се спроведат. Оваа партија себеси се смета за носител на тој законски проект за употреба на јазиците, со кој иако јазик на малцинството, албанскиот јазик всушност станува службен јазик на целата територија на државата. Вицепремиерот за европски прашања во македонската влада, Бујар Османи од ДУИ, во тој контекст децидно изјави дека „Законот за јазици нема да се чепка, какви и да бидат конечните забелешки од Венецијанската комисија“. Според вицепремиерот, измени во Законот за јазици се можни само ако за нив се обезбеди консензус.

Од друга страна, пак, премиерот Заев најави дека ќе ги почитува забелешките на Венецијанската комисија, која во дел од првичниот извештај за Законот за употреба на јазиците имаше големи забелешки во однос на неговата уставност, но и укажувања дека може да предизвика сериозни административно-технички проблеми во функционирањето на правниот систем.

Да биде парадоксот поголем, вицепремиерот Османи, по изјавата за „недопирливост на Законот за употреба на јазиците“, замина во Луксембург и Брисел, официјално, да издејствува за Македонија датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Од една страна изјавува дека нема да ги почитува препораките на една висока европска институција како што е Венецијанската комисија, додека истовремено очекува Брисел да го награди за една таква непослушност. Ваквите потези оставаат впечаток во јавноста дека теснопартиските интереси на ДУИ за нејзините функционери секогаш имаат приоритет пред државните интереси, па дури и пред препораките на европските институции, како што е Венецијанската комисија, т.е. Европската комисија за демократија преку правото.

– Точно е дека мислењето на Венецијанската комисија е советодавно, незадолжително, но исто така непобитен факт е дека тоа е најважен орган на Советот на Европа од областа на правото. И секоја држава што има сериозна намера да биде дел од ЕУ и да докаже дека го почитува и се залага за владеењето на правото, треба да ги почитува и применува советите на Венецијанската комисија. Едно е правната задолжителност, а друго цивилизациско ниво е обврзувачкиот углед на Венецијанската комисија. Во работата на комисијата, освен угледни правни авторитети, има и претставник на ЕУ, на Советот на Европа, на ОБСЕ/ОДИХР, па земјите-членки на ЕУ, а особено оние што претендираат на членство (како Македонија), (треба да) знаат дека препораките на Венецијанската комисија се почитуваат и применуваат. Всушност и самите претставници на коалицијата на власт, додека Законот за употреба на јазиците беше во нацрт-фаза, нѐ убедуваа дека ќе го испратат законот до Венецијанската комисија кога ќе биде усвоен, но секако ќе ги имплементираат нејзините забелешки во законот. Сметам дека по изнесувањето на забелешките на Венецијанскаaта комисија, неизбежно мора да реагира македонскиот Уставен суд – вели професорката по Уставно право Гордана Силјановска-Давкова.

Незадолжителноста на мислењето на Венецијанската комисија е своевидна културна форма на изразување ненаметливост на европските институции, односно изразување демократичност и почит спрема сувереноста на државите. Венецијанската комисија не е суд, но спроведувањето и имплементирањето на нејзиното мислење суштински влијаат на угледот на државата, односно на нејзината подготвеност да го применува владеењето на правото, како темелен копенхашки критериум за членство во ЕУ.

– Можеби мислењето на Венецијанската комисија не е задолжително, но неговото неспроведување ќе претставува голем минус за имиџот на државата во однос на владеењето на правото. Во таков контекст сметам дека изјавата на вицепремиерот Османи за непроменливоста на Законот за употреба на јазиците не е конечна. Од друга страна, факт е дека целиот проект на Законот за употреба на јазиците е политички, резултат на политички коалициски договор, па верувам дека сепак ќе има внатрекоалициски партиски преговори за имплементирање на препораките на Венецијанската комисија, што ќе заврши со политички консензус. Секако, ќе се спроведат во законот забелешките на Венецијанската комисија, но веројатно не во целост. Претпоставувам дека ќе се применат забелешките каде што се укажува за нарушување на уставноста (зашто комисијата е поригорозна во однос на прекршувањето на Уставот), но „незадолжителноста“ на нејзиното мислење ќе се примени во однос на техничко -административните забелешки. Односно, ако се процени дека иако судските процеси се поскапи поради двојазичноста, заради добрите меѓуетнички односи тоа да остане, но двојазичните монети сепак да не заживеат – смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.