Партискиот систем според видот на партиите

Раѓањето на мултипартизмот во Македонија

Неодамна излезе од печат најновата книга на Ѓорѓи Спасов, насловена „Раѓањето на мултипартизмот“ – страници од македонската политичка историја
во кои студиозно е обработено едно важно поглавје од поновата историја на државата, но може да се влечат и важни поуки за во иднина. Во книгата се прави анализа на партискиот систем според видот на партиите, политичката култура на поделеност, бипартизам од специфичен вид, а се нудат и одговори на прашањата за тоа како станавме партитократија и многу други.
Тргнувајќи од актуелните политички состојби и предизвиците со кои и сега се соочува државата, првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ за читателите подготви четири исклучително интересни извадоци од книгата, во форма на фељтон, кои на крајот ќе ги заокружиме и со интервју со авторот Ѓорѓи Спасов.

ФЕЉТОН – СТРАНИЦИ ОД МАКЕДОНСКАТА ПОЛИТИЧКА ИСТОРИЈА (1)

Голем број автори во светот, кои со внимание ги следат процесите во земјите на Источна Европа, забележуваат дека поимите „левица“ и „десница“ што имаат релативно јасно значење кога се работи за политичките партии на земјите во Западна Европа се речиси неупотребливи или, како што ќе истакнат Адам Михник, Јацек Курон, Васлав Хавел и други, тие се со мошне ниска сознајна вредност за природата на партиите во овој дел од светот по паѓањето на комунизмот. Во прилог на ова свое тврдење тие наведуваат неколку клучни аргументи.
Прво, партиите што настанаа и ги изведоа револуциите во источноевропските земји во 1990-тите години можеа да опстанат и да одиграат одредена политичка улога во овие процеси само со радикално отстапување од комунистичката парадигма и преку нужното реафирмирање на либералните начела во организацијата на политичкиот живот (како што се слободата на човекот и на печатот, приватизацијата на сопственоста, денационализацијата, ограничувањето на дометот на државата, владеење на правото итн.). А тоа се класични барања на западноевропската десница, на конзервативните и на либералните партии. Но во условите во кои тие ги истакнаа овие барања (при постоење на целокупна подржавеност на средствата за производство и целосна монополизираност на политичкиот живот од страна на комунистичката држава), тешко би можело, оваа нивна, во основа десна и либерална ориентираност, односно желбата за радикална модернизација и промена на политичкиот живот, да се означи со конзервативизам.
Западноевропските критериуми за левица и десница во политичкиот живот, според кои левицата не може да се замисли како политичка сила што се залага за приватизација, за ограничување на социјалните издвојувања на државата и сл. заради наведените причини, едноставно не се применливи во политичкиот живот на посткомунистичките земји во кои капитализмот како систем сѐ уште не беше воспоставен. Во овие земји, всушност, на дело беше една антифеудална, национално-буржоаска револуција во која реафирмацијата на либералните начела во организацијата на политичкиот и економскиот живот можеше да значи само исчекор во нивниот развој.

Во таквите услови, главниот политички расцеп не се случува по линијата на социјалното спротивставување помеѓу работништвото и капиталистичката класа (што е познато како судир на левицата и десницата), туку главниот расцеп настанува помеѓу силите за брза модернизација на политичкиот систем и силите за задржување на старите политички и економски односи во нова форма.
Оттука и многубројните политички партии што се јавуваат во земјите на Источна Европа не сакаа себеси да се сместуваат на идеолошкиот спектар – ниту на левицата ниту на десницата. Во меѓусебната идеолошка и политичка битка, лидерите на т.н. „левоориентирани партии“ често другите ги означува како десница, не одговарајќи никогаш јасно на прашањето дали себеси се сметаат за левица и по кои критериуми го чинат тоа. И обратно, лидерите на националистичките партии постојано ги обвинуваа другите партии дека се „левичари“ и дури „остатоци од комунизмот“, а никогаш за себе не говореа дека се „политички десноориентирани партии“.
Најголемите политички движења во источноевропските земји како што беа: Граѓанскиот форум во Чехословачка, Солидарност во Полска и други, во овој период не чувствуваа потреба себеси идеолошки да се дефинираат како левица или десница. Исто така и Јанош Кис, претседател на најголемата опозициска партија во Унгарија, на прашањето на кое место од идеолошкиот спектар ја сместува својата партија, ќе одговори: „На тоа прашање прерано е да се одговори“. Тој, имено, образложува дека во услови кога целата разлика помеѓу либералите и социјалдемократите во Западна Европа се исцрпува во разликата дали 30 отсто или 40 отсто од националниот доход треба да се издвојуваат за општествениот стандард на граѓаните, тогаш несомнено станува бесмислено ние во вакви услови да дефинираме дали сме идеолошки поблиски до едните или до другите.

Иако според себеименувањето на двете големи партии во Македонија, од која едната се нарече себеси Социјалдемократски сојуз на Македонија, а другата Демократска партија за македонско национално единство, би можело да се помисли дека ние веќе 30 години имаме една голема партија на „левицата“ и една голема на „десницата“ во западноевропската смисла на идеолошкиот спектар „од левица кон десница“, тоа е тешко да се тврди. За да се тврди тоа, не е доволно ниту што едната од овие две партии во својата програма себеси се нарекува лево и социјалдемократски ориентирана, а другата себеси се дефинира како десно, односно демохристијански и конзервативно ориентирана. Малку е од помош и фактот што едната од нив, СДСМ, е членка на семејството на европските социјалистички партии, а другата, ДПМНЕ, е членка на семејството на европските народни партии. Нивните имиња и членства во европските партиски асоцијации покажуваат можеби желба и интенција, но сами по себе не се доказ за нивна јасна идеолошка профилираност на споменатата скала. На таа идеолошка скала не можат да се разместат ниту политичките партии формирани за да ја изразуваа политичката волја на етничката заедница на Албанците во земјава, иако нивните имиња (Демократска унија за интеграција и Демократска партија на Албанците, или Алијанса на Албанците) и не упатуваат на јасна идеолошка ориентација. Во земји како Македонија, кои го легализираа партискиот плурализам по излегувањето од еднопартискиот систем, тешко е да се говори дека партиите се резултат на судирот меѓу трудот и капиталот, и дека едните се застапници на сиромашните, а другите на богатите.

Во изборните програми на СДСМ, но и на ДПМНЕ во овој период може да се забележи дека се присутни истовремено сите заложби за изградба на модерен капиталистички систем и парламентарна демократија, но и сите ветувања за еднаквост, социјална праведност и за зачувување на сите права на работниците како во времето на социјалистичкиот систем.
Свесни за фактот што сѐ уште не е создадена средна класа во општеството и дека тоа е поделено на мал богаташки слој од една страна и голема маса осиромашени од другата страна, двете големи партии во Македонија им се обраќаат за поддршка на сите социјални слоеви и реално дејствуваат како партии „собирај сѐ“ („Catch all“ – партии). Притоа, на богатите слоеви и поединци им се обраќаат за финансиска поддршка, а на сите други за изборна.
Иако би можело да се каже дека во Македонија во изминатиот 30- годишен период на власт се менуваа две големи партии и коалиции од кои едната се залагаше за модернизација на политичкиот систем, а другата за задржување на старите политички и економски (и меѓуетнички) односи во нова форма, ќе биде тешко да се определи врз основа на јасни индикатори која од нив може со сигурност да си ја припише едната или другата идеолошка позиција.

Истиот проблем би се појавил ако се каже дека во овој период на власт се менуваат две големи партии од кои едната се залагаше за изградба на отворено општество и интеграција на земјата, а другата за затворено општество и изолација, бидејќи политиките што ги спроведуваат откако ќе дојдат на власт не се поклопуваат целосно со прокламираните цели и изборните ветувања.
Идеолошкиот профил на двете „стожерни партии“ во Македонија во периодот од 30 години, сепак, се менуваше и обликуваше под влијание на промената на лидерите и на раководствата во нив, под влијание на политичкото созревање, под влијание на нивното членство во европските партиски асоцијации и под притисокот на дефинираните стратегиски цели на македонското општество за земјата да стане членка на НАТО и на ЕУ. На тој пат, може да се каже дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, особено последните неколку години, е една од големите партии што направи поголем исчекор на планот на изградбата на отворено општество, кое може да се интегрира внатрешно, но и во регионот и во посакуваните меѓународни асоцијации, а партијата ВМРО-ДПМНЕ, со своите политики мошне долго општеството го држеше и го држи затворено, земјата недоволно внатрешно и меѓународно интегрирана, па и во изолација и, инсистирајќи на традиционализмот и на зачувување на „старата добра национална држава“, остава простор да се задржуваат старите политички, меѓуетнички и економски односи во нова амбалажа.

Двете најголеми политички партии на Македонија што на сите избори освојуваат најголем број гласови и најголем број пратеници, со намера да го освојат мнозинството за време на изборите, бараат и наоѓаат свои приврзаници и поддржувачи од двете страни на сите линии на општествените судирања во земјава.
Освен што едната од нив (ВМРО-ДПМНЕ) не успева да привлече за себе и одреден процент гласови од граѓаните што ѝ припаѓаат на етничката заедница на Албанците, и двете се со мошне рамномерна поддршка од населението на целата територија на Македонија, но и со рамномерна поддршка од младите, од пензионерите, од вработените, од невработените, образованите и необразованите, припадниците на сите други етнички заедници во Македонија, сиромашните, па и од богатиот и мал олигархиски слој. Во оваа смисла, тие успешно ја остваруваат својата интегративна функција во општеството, сведувајќи ги многубројните судири на две политички алтернативи.

Со својата организациска поставеност, со своите организации на млади, жени и ветерани, со своите предизборни коалиции со по една од партиите на другите етнички заедници и со одржувањето на комуникација со сите други протестни групи и движења во земјата, тие ја обезбедуваат својата политичка моќ на долг рок, но истовремено и стабилноста на партискиот систем, односно неговото сведување на јасни алтернативи. Токму заради ваквата нивна рамномерна „вкотвеност“ во сите делови од земјата, во сите социјални слоеви и групи, но и поради политичката и економска моќ, која во меѓувреме ја имаат стекнато од своето учество во власта, тие се во состојба да ја задржат својата поддршка и при промени на изборниот систем. Двете партии беа доминантни по изборите што се одржуваа според мнозинскиот изборен модел во два круга, (1990 и 1994), беа доминантни кога се одржуваа изборите според мешаниот изборен модел (1998) и се доминантни откако изборите се одржуваат според пропорционалниот модел од 2002 г. во шест изборни единици, во кои се избираат по 20 пратеници. И тоа може да се нарече партиски систем во кој доминантните политички партии ги сечат социјалните расцепи по вертикала и обезбедуваат катализирање на многубројните судири во умерен број политички алтернативи, со што се обезбедува и стабилноста на политичкиот систем.

Продолжува
(Изводи од книгата „Раѓањето на мултипартизмот“ изд. „Слово“, Скопје 2020)