Откако денеска дел од медиумите објавија четири аудио-материјали на кои, наводно, се слуша гласот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, стигнаа реакции од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, а на социјалните мрежи со коментар се огласи и Заев.

Од владејачкиот СДСМ велат дека бунилото во ВМРО-ДПМНЕ е толку големо што преку нелегални снимки ја водат нивната внатрепартиска пресметка, несвесни дека со тоа прават промоција на политиките на Зоран Заев и СДСМ.

– Во аудио разговорите, претседателот Заев категорично потврдува дека не постојат разговори кои се дадени на никаков Чауш и на никој друг освен на СЈО. Разговорите потврдуваат дека граѓанскиот сектор е најсилниот поддржувач на правдата, на борбата против режимот и концептот едно општество за сите. Тоа се политиките кои ги поддржува граѓанскиот сектор, наспроти политиките на поделби, национализам и криминал и тоа е една од најголемите болки на режимското ДПМНЕ. Конечно, нелегално снимениот разговор покажува дека нема спас за криминалните тајкуни на ВМРО-ДПМНЕ и дека одговорност за секој што го прекршил законот ќе има – велат од СДСМ преку соопштение.

И коментарот на Заев е во насока на тоа дека снимките ги промовираат владините политики. Тој саркастично искоментира дека зад аудио-записите веројатно стој некој од тимот на СДСМ или Владата.

– После внимателно и детално размислување за тоа кој би бил мотивиран да ги пушти овие денешни разговори во јавност, конечно сфатив. Јасно е. Мора да е или Ацко Поповски, шефот на ПР на СДСМ или Марјан Забрчанец, шефот на ПР на Владата. Мора да е некој од нив двајца. Нема кој друг да е мотивиран да пушти вакви разговори во јавност. Тие се задолжени и тие најмногу работат за афирмација на нашите политики и ставови – напиша Заев на Фејсбук.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пишува дека на снимките може да се слушне дека Заев го навредува народот, а го контролирал и студентското движење.

– Гледаме дека од СДСМ се чудат кој ги пуштил денешниве разговори и тука не можеме да им помогнеме, ама можеме од истите да го препознаеме гласот на нивниот лидер Заев како го пцуе и навредува својот народ. Вредно е да се напомене и дека Заев го контролирал студентското движење, чувме што мисли за шарените, но добро е и да знаат Албанците што мисли тој за Али Ахмети. Исто така е добро и да чујат, тој извесен Ацко, Костадинов, па и средношколецот Забарчанец, како ги пцуе нив и целиот народ. Е тој човек за жал ја води државата – велат од ВМРО-ДПМНЕ преку допис до медиумите.