Економските придобивки во последните две и пол години, енергетските реформи, како и зголемениот број странски инвестиции беа меѓу темите на кои се осврна премиерот Зоран Заев на вчерашната трибина „На прав пат“, која СДСМ ја одржа во Скопје. Тој зборуваше за успесите на владејачката партија, но и за работите што ги направила претходната власт. Истакна дека Македонија „конечно е на вистинскиот пат, на патот на слободата“.

– Можат ли две и пол години да бидат подобри од 11? Можат, затоа што ние за две и пол години направивме повеќе од претходните 11 години, кога беше направен пустош од претходната власт. Преку зголемените плати и пензии, преку мерките за поврат на средства и помошта за најзагрозените, вработеноста стигна на рекордно ниско ниво. Сега имаме нови 5.263 работни места. Никогаш немало повеќе вработени како што имаме во овие две и пол години. Отвораме нови фабрики со 34 договори за странски инвестиции. А со влезот во НАТО, бројот на странски инвестиции во земјава ќе се зголеми – истакна Заев во своето излагање.
На присутните во салата им се обратија и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и заменик-претседателката Радмила Шекеринска.
Од друга страна, партиски викенд-активности имаше и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во неговата саботна прес-конференција, кажа дека економската политика е катастрофална и дека државата оди во погрешен правец. Според Мицкоски, годината што ја најавуваа за економска е најтешката и најсиромашната.

– Најавија 5 отсто раст на БДП. Од денот кога се избрани заклучно со третиот квартал, тоа не е ни 2,5 проценти. Минималниот раст што го имаме е заради производството на централата ТЕ-ТО, за која има многу недоречености. Алармантен е падот во преработувачката индустрија. Ниту просечната плата, која требаше да биде 30.000 денари, не е постигната. Ако се спореди првиот квартал во 2018 година, кога разликата во трговската размена извоз-увоз е нешто над 350 милиони евра со првиот квартал од 2019 година ќе забележите дека приближно таа е иста, но показателот дека економијата оди во погрешна насока се гледа во вториот квартал, кој споредбено 2018 со 2019 година има разлика во извоз со увоз е зголемена за цели 12,4 проценти во корист на увозот – кажа Мицкоски.

Според Мицкоски, ова се бројките што покажуваат назадување во економија и се показател дека се движиме во погрешна насока.
Во однос на даночната политика, Мицкоски потсети на пиши-бриши политиката, кога се зголемуваа, па повторно се намалуваа даноците.

Вчера со соопштение се огласи и прес-центарот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ од каде што посочуваат дека Зоран Заев бара од граѓаните да ги спомнуваат успесите на оваа влада, во време кога не само граѓаните туку и странските медиуми зборуваат за криминалот, рекетот и корупцијата, кои стана заштитен знак за Македонија под оваа власт. П.Р.