Фото: Игор Бансколиев

Бурен политички викенд

Најголемите политички партии во земјата, преку прес-конференции, соопштенија и изјави од партиски функционери, изминатиов викенд си поделија меѓу себе голем број обвинувања поврзани со корупција и со актуелните политички процеси.
Хронолошки гледано, прва во јавноста излезе опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која во партиско соопштение го обвини министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека молчел за акција на македонската полиција заедно со американската агенција ДЕА, во која се заплени марихуана во вредност од околу 800 илјади евра, а шест лица се приведени.
Од опозициската партија тврдат дека еден од приведените е Александар Ушликовски, личен возач на Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев.
– Пратката со марихуана тргнала од фирмата „Медика 420“ од Битола. Патем, оваа фирма се поврзува директно со фамилијата Заеви, со братучедите на Зоран Заев. Оттука, логично се поставува прашањето дали и кога братучедите на Заеви ќе бидат испитани за овој наркокриминал, кој го прекина американската ДЕА. Исто така, треба да одговорат дали Трајче Заев, братучедот на Зоран Заев, е во Македонија или избегал во Дубаи – наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Веднаш по ова тврдење експресно се јави и СДСМ, но не за дрогата, туку за криминалот со лажните пасоши. Оттаму изјавија дека било факт дека лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски, со јавно објавување информации, се обидел да саботира сложена полициска акција, која се водела подолг период и во чии рамки се преземале дејства што имаат и меѓународни импликации.
– Ова не може да го скрие ниту еден обид за извртување на вистината од белата палата, каде што расте нервозата, откако Мицкоски уште еднаш не успеа да го одбрани криминалот, а акцијата на полицијата против фалсификаторите на пасоши заврши успешно. Обидите на Мицкоски за загрозување на истрагата мора темелно да се истражат од страна на надлежните институции. Особено што Министерството за внатрешни работи јасно соопшти дека токму Христијан Мицкоски имал контакти и бил во тесна врска со еден од сега веќе приведените во оваа полициска акција. ВМРО-ДПМНЕ е симбол за фалсификувани патни исправи, а Мицкоски е бранител на криминалот, токму затоа граѓаните шест пати по ред на избори ги казнија Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и затоа тие уште долго ќе останат во опозиција – велат од СДСМ.