Токму ваквото партиско пополнување на работните места, од курир до раководител што се вели, ја доведе државата во денешнава состојба, земја од која младите се иселуваат, земја во која поделбите по сите основи се сè подлабоки, стручноста, квалитетот и конкурентноста се заборавена категорија, а единствен критериум за вработување е партиската книшка

Нов изборен циклус ја очекува Македонија во април следната година, а со секои избори се повторува старата практика, вработувања партиски кадри во сите можни сфери во државните институции, што се вели од курир до раководител.
Пипалата на партизацијата се долги и по хоризонтала и по вертикала, а влечат корени со години и децении. На моменти се добиваа впечаток како политичките партии да се биро за вработување и вдомување на своите кадри и поддржувачи и како тоа да е нивната примарна функција.

Од друга страна, токму ваквото партиско пополнување на функциите ја доведе државата во денешнава состојба, земја од која младите се иселуваат, земја во која поделбите по сите основи се сè подлабоки, стручноста, квалитетот и конкурентноста се заборавена категорија, а единствен критериум за вработување е партиската книшка.

И ова не е ситуација од вчера, туку партизираноста се случува изминативе речиси 30 години самостојност, без исклучоци која партија е на власт, а која во опозиција.
Па, така, се случуваше во клучни министерства министри да бидат луѓе што немаат допирни точки со ресорот со кој раководат, градоначалници да станат луѓе без завршено основно образование, директори копии на ликовите од поранешната југословенска кинематографија (читај Шоиќ во „Тесна кожа“), први луѓе на високообразовни и научни институции без став за клучни национални прашања…
– Речиси цели 30 години не постои и кај нас никој освен партијата. Партијата што перејќи ги мозоците успева да го избрише своето минато, да го избрише избришаното и да продолжи со лагите. Слободата да ја претстави како ропство, а незнаењето како сила. Партијата што моќта не ја третира како алатка, туку како цел сама по себе. Партијата не штеди зборови, партијата не штеди идеи, партијата не штеди лаги, партијата знае како. А народот? Заталкан по нивите, канцелариите, по валканите болници, со минималната плата се опива со понекое пиво, ги арчи последните пари во некоја од стотиците коцкарници и нема што да мисли. За него мисли партијата. Еве, што последно смислила, за да го „ослободи“ од себе – вели поранешната пратеничка Солза Грчева.

Според неа, потребни се целосна департизација на државата и промена на начинот на кој се избираат раководни лица.
– Партиите надвор од институциите. Постои конкурс, постои колектив што си одбира раководна структура. Но, не. Последната маст ја вадат не само преку нивни директори туку и преку преплатените управни и надзорни одбори. Функцијата на последните се сведува на заеднички прослави и скапи ручеци, шанса за дополнително богатење и никако не на надзор или управување со институциите. Сите тие треба да работат доброволно, без хонорар. Ако се соберат само нивните хонорари, 500 семејства веднаш ќе излезат од зоната на сиромаштија – смета Грчева.
За професорката Билјана Ванковска кај нас во политиката нема место за обични и пристојни луѓе.

– Политичкиот циклус е заробен, таму нема место за обични и пристојни луѓе, а „необичните“ стануваат или нешто вообичаено и прифатливо, или се забава за народ што, наместо да се вознемири, само се смее и натпреварува во дисциплината на подбивање. Трагедијата на американскиот, британскиот и секој друг осиромашен, експлоатиран, економски зависен и понижен народ е во тоа што повеќе им верува на палјачовци отколку на луѓе што им ја прикажуваат стварноста каква што е: тешка, речиси безнадежна и која може да се смени само со заедничка борба – вели Ванковска.

Сличен став има и професорот Љубомир Цуцуловски, кој вели дека е голем песимист за можната департизација на државата.
– Во тој поглед сум голем песимист и дека, во оваа смисла, тешко нешто може да се промени. Впрочем, иронично кажано, зарем ќе дозволиме стихијно да се одвиваат работите и на клучни места да доаѓаат секакви луѓе, од секакви партии? Љубовта кон сопствената партија ни налага да се грижиме за своите партијци и, се разбира, однапред да воспоставиме добра административна инфраструктура – смета Цуцуловски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева