Фото: Игор Бансколиев

Каква ќе биде рефлексијата од најновите политички случувања врз парламентарното мнозинство? Дали тоа ќе се раситнува или окрупнува? Дали серијата притвори на поранешните владини функционери можат да им наштетат на преговорите за зацврстување и проширување на парламентарното мнозинство за уставни измени? Од друга страна, во јавноста се пласираат и тези дека е можно и ново и поголемо окрупнување на парламентарното мнозинство, што ќе биде поттикнато токму од последните случувања и разочараноста пред сѐ од постапката на бившиот премиер и неговото бегство од државата

Иако официјалното гледиште на владејачката партија СДСМ е дека одлуките на пратениците во Собранието не зависат од одлуките на судот, во македонската јавност сепак не стивнуваат реакциите дека во овој политички миг во земјава сите процеси што се одвиваат во трите клучни столба на државата (законодавната, судската и извршната власт) се условено испреплетени и неизбежно влијаат еден на друг. Истовремено по одредувањето притвор на повеќемина поранешни државни функционери, обвинети во случаите на СЈО, особено по одредениот притвор на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, но и по унгарскиот азил за поранешниот премиер Никола Груевски, сѐ погласно се поставуваат и прашањата за одржливоста на постигнатото двотретинско парламентарно мнозинство, постигнато на 19 октомври, за пристапување кон уставните измени, како обврска за спроведување на спогодбата од Мала Преспа. Една од причините за овие прашања се и јавните обвинувања од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ги исклучи осумтемина пратеници од своите редови, зашто гласаа за уставните измени, дека клучно влијание за таквата нивна постапка и одметнување од ставот на партијата имал токму Мијалков. Доколку е можна логика во политиката и доколку постои реална поткрепеност на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на Мијалков (тој во меѓувреме пишуваше отворени писма до партијата, демантирајќи го своето учество во некаков заговор), тогаш логично е и јавноста да се впушти во гласно преиспитување на стабилноста на парламентарното мнозинство.

Првичната реакција на независната пратеничка група, која се формира од одметнатите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, е дека серијата притвори на поранешните владини функционери можат да им наштетат на преговорите за зацврстување и проширување на парламентарното мнозинство за уставни измени. Но, од друга страна, во јавноста се пласираат и тези дека е можно и ново и поголемо окрупнување на парламентарното мнозинство, што ќе биде поттикнато токму од последните случувања и разочараноста пред сѐ од постапката на бившиот премиер и неговото бегство од државата. Она што останува нејасно е како најновите случувања ќе се одразат во поглед на окрупнување или дестабилизирање на двотретинското парламентарно мнозинство.

– Притворањето на Сашо Мијалков е тековна работа на правосудните органи во државата. Работата на судот не влијае на одлуките што се носат во Собранието. Двотретинското парламентарно мнозинство, односно одлуките на пратениците не зависат од работата на судот. Што се однесува до одлуките на осумтемина пратеници од независната пратеничка група, познато е дека тие гласаа за започнување со уставните измени, учествуваа во амандманската расправа, беа прифатени нивни предлози за амандманите и се очекува да учествуваат во понатамошниот процес на расправата за уставни измени и, секако, да гласаат по сопствено убедување – вели Костадин Костадиновски, пратеник во Собранието и портпарол на СДСМ.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека претпочитаат да се воздржат од коментари во овој миг.

– Слушаме премногу шпекулации во медиумите по ова прашање, но не би сакале да учествуваме во тоа. Тековната состојба во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е стабилна и пратениците работат на тековната проблематика – вели Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Еден од тековните процеси во Собранието е и подготовка на законот за амнестија за учесниците во настаните од 27 април минатата година, од страна на собраниското тело за помирување, формирано по предлог на новата независна пратеничка група. Како еден од условите на осумтемина пратеници за да ја дадат својата поддршка за уставните измени на 19 октомври беше токму наоѓање начин за амнестија, односно помилување на пратениците обвинети за 27 април, но и за други предмети на СЈО.

– Конечната одлука за нашата понатамошна поддршка на парламентарното мнозинство зависи од работата и резултатите на собраниското тело за помирување, крајната верзија на амандманите, како и од реформските закони. Попусто работиме ако еден од овие процеси изолираме од севкупниот процес – вели пратеничката Нола Исмајловска-Старова, дел од независната пратеничка група на осумтемина пратеници.