Она што го нудат медиумите во време на ковид-19 покажа колку тие не се подготвени за да известуваат во време на криза, а кризите ги има сè почесто. Време е новинарите да се едуцираат за да можат да ја исполнат таа задача

Пандемијата јасно ни покажа дека уредниците новинари не знаат да известуваат во време на криза и тоа е така не само на Балканот туку и кај другите медиумите од „големиот“ свет, кои ни се достапни и нам. Секако дека би можеле да кажеме дека оваа констатација е сериозна, избрзана (затоа што пандемијата сè уште трае) и дека е соопштена одеднаш, но без разлика на сè, таа сепак е вистинита. Ако резимираме со неколку збора, сите медиуми заборавија на едно важно правило: „Сè треба со мера“. Сите тие целосно го загубија својот компас во просторот и времето и ги преплавија екраните со многу исти работи, без притоа да има какво било проникнување во суштината на самата криза и како влијае таа на секојдневниот живот. Во исто време сме сведоци на неверојатно количество лажни вести. За само два месеца од избувнувањето на епидемијата, веб-страницата Фејкњуз.рс на Школата за новинарство од Нови Сад објави 49 деконструкции на лажни и манипулативни наративи, кои на некритички начин беа пренесени во другите медиуми вкупно 253 пати, а на Фејсбук веста беше споделена 220.000 пати (пресметано со софтверот „Краудтенгл“).

Откако било објавено на веб-страницата Фејкњуз.рс, само 4,2 проценти од медиумите одлучиле да ја повлечат дезинформација од својата веб-страница. Резултатот од сево ова е што публиката што следи интернет и телевизија не ги добива основите работи: вистинита, навремена и балансирана информација што ќе ѝ помогне да се ориентира во своето секојдневие и да донесе добри одлуки за тоа кои активности се неопходни, а во овој случај се работи за опстанокот, и тоа во буквална и во фигуративна смисла. Медиумите и новинарите имаат клучна улога во кризни ситуации затоа што тие испраќаат информации до јавноста и нивна цел е, пред сè, да ѝ ги обезбедат на јавноста сите релевантни факти затоа што, сетете се на зборовите на Норберт Винер: „Само информиран човек е активен човек“, инаку први зборови во неговата најпреведувана книга „Кибернетика и општество“, објавена уште во 1971 година. Во исто време, нивна задача е да придонесат за смирување на паниката и на тој начин да ѝ овозможат на заедницата, и покрај кризата, да функционира на најдобар можен начин.

Девет вида кризи

Теоријата на кризи укажува дека „кризата“ е збор со грчко потекло (krisias) и значел пресврт, почеток на клучен момент, додека во фигуративна смисла значи пресврт, нарушување, забуна („Лексикон на странски зборови и изрази“, Вујаклија). Вообичаената класификација на кризи утврдена од Владимир Баровиќ во книгата Известувањето во медиумите во состојби на криза, објавена од Филозофскиот факултет во Нови Сад, вели дека постојат повеќе групи катастрофи. Во првата група спаѓаат т.н. „природни катастрофи“, честопати наречени „божјо дело“ (Acts of God), така што во некои земји, доколку се случат вакви катастрофи, многу се тешки и големи ограничувањата за добивање осигурување на имот како движен така и недвижен, и тие вклучуваат земјотреси, поплави, вулкански ерупции, временски непогоди од сите видови, како што се невреме, бури, урагани, виулици, лавини, лизгање на земјиштето, но и епидемии т.е. пандемии.

Во втората група спаѓаат „злонамерните кризи“, кои се создавани од поединци или од формални и неформални групи за да предизвикаат метежи и хаос во општеството, и тие најчесто се политички провоцирани (тероризам, екстремизам).
Третата група ги вклучува оние кризи предизвикани од „техничка грешка“ (кога станува збор за чувствителни постројки, запаливи материи, нуклеарни централи, како што беа катастрофата во Чернобил во 1986 година и во Фукушима во 2011 година).
Четвртиот вид кризни ситуации се „кризи предизвикани поради човечки пропусти“ (многу често станува збор за пожари поради невнимание кога селаните горат стрништа по нивите или уште полошо кога излетниците прават скара во шума или на плажа или кога членовите на семејството забораваат да ги исклучат греалките т.е. шпоретот на гас и слично).
Во петтата група се кризи што се „предизвикани од закани и предизвици во кои општеството, организациите и институциите се соочуваат со незадоволна јавност“ (демонстрации, штрајкови, протести, улични немири, навивачки собири и слично).
Потоа, во шестата група се т.н. „мегаштетни кризи“ т.е. оние што предизвикуваат уништувачки штети за целата заедница и на поширокото опкружување, а понекогаш и на цел континент, па дури и на планетата (на пример, во пролетта 2020 година се случи најголемата наезда на скакулци забележана во последниве 25 години, која го зафати источниот дел на Африка и претставуваше закана за безбедноста на храната во некои земји, кои се најмногу изложени на ризик од глад).

Овие кризи се од различни типови, кои веќе ги споменавме, но нивниот заеднички именител е дека тие се екстремно големи и се шират на огромни површини.
Во седмата група се кризите предизвикани од „активности на разни политички организации“ (ова вклучува, на пример, мирни протести што доведоа до промена на Владата во Србија во 2000 година, по неколкумесечни „прошетки“ под водство на опозицијата).
Осмата група ги сочинува кризите предизвикани од „насилство на работното место“, кои можат да доведат до целосно руинирање на организацијата, институцијата, компанијата, конзорциумот и сл.
Конечно, деветтата група кризни состојби се оние предизвикани од „гласини и невистинити информации (лажни вести)“, кои можат да предизвикаат несакани, па дури и спонтани, непланирани „активности/реакции“ предизвикани од паника (стампедо, хистерични испади на поединци и групи на јавни места, улично насилство на неформална толпа).

Природна катастрофа или злонамерна криза?

Ако ја земеме предвид горенаведената класификација како основа за класифицирање на пандемијата предизвикана од ковид-19, со која се соочува целата планета во периодот на зимата и пролетта 2020 година, тогаш ќе забележиме дека имаме одредени проблеми со предложените типови кризни ситуации т.е. дека пандемијата може да се гледа од неколку различни агли. Зошто е воопшто важно некаквото класифицирање на пандемијата? Па, затоа што тогаш новинарите би имале поцврста основа за создавање фокус во известувањето, што е многу важно, особено во таканареченото „новинарство фокусирано на наоѓање решенија“, за кое денес се залага современото новинарство. Значи, на прв поглед, пандемијата на ковид-19 би можела да се класифицира во првата група на „природни катастрофи“, ако навистина станува збор за инфекција што започна во градот Вухан т.е. на пазарот со лилјаци, но и во втората група на „малициозни кризи“ предизвикани од поединци, кои од некоја причина дозволиле вирус што бил вештачки произведен да излезе од лабораторија (многу земји во последно време бараат да се испита потеклото на вирусот и ја истакнуваат Кина, која наводно не обезбедила јасни докази дека вирусот има природно потекло), или во четвртата група „кризи предизвикани од пропусти на луѓето“ т.е. станува збор за некој невнимателен поединец кому вирусот му „избегал“ од лабораторијата или едноставно не предупредил навреме дека станува збор за опасен вирус. На крајот единствено што е сигурно е тоа дека оваа пандемија можеме да ја класифицираме во шестата група на „мегаштетна криза“, затоа што влијаеше на сите сфери од јавниот живот (економија, здравство, култура, образование, спорт) и од приватниот живот (отпуштање од работа, останување без пари, болест и, за жал, смрт) во скоро сите земји во светот.

Сево ова се само претпоставки за тоа во каква кризна состојба припаѓа пандемијата на ковид-19, која е нејзината вистинска причина и какви ќе бидат последиците од неа. Интернетот е особено преплавен со процени, но и со шпекулации. За жал, таблоидното новинарство ги „прифати“ овие алтернативни типови криза и ги искористи за максимално да ги зголеми своите тиражи. Сепак, многу е проблематично тоа што другите медиуми не останаа имуни на тие полупроверени и непроверени информации. Експанзијата од ставови, мислења, индикации, предвидувања и процени на разни инфектолози, вирусолози, биохемичари, пандемиолози и сите можни „-олози“ ги преплави интернетот и традиционалните медиуми. Како да се снајдеме, и како новинари и како јавност т.е. корисници на нови дигитални медиуми? Тоа е прашањето со кое денес се соочуваат милиони луѓе, а на кое нема едноставен одговор.

Новинарите не најдоа „втор“ кредибилен извор

Новинарите имаат посебна одговорност. Прво, тие треба да го препознаат циклусот на кризата со намера соодветно да бараат извори, да обработуваат информации и да ги пласираат до јавноста. Следењето на ритамот на кризната состојба е основна новинарска задача, затоа што во секој од овие периоди информациите имаат различен фокус и „тон“, било да се работи за 1. период на најава на кризата; 2. период на нејзино видливо појавување; 3. период на ескалација; 4. период на намалување на кризата; или на крајот т.е. 5. крај на кризата, според Тимоти В. Комбс. Во исто време, клучна задача е, во согласност со ритамот на кризата, да се избере кредибилен извор на информации, а тоа да не бидат само владини извори и членови на кризниот персонал, што секако се примарен извор на информации во кризни ситуации. Бидејќи професијата наложува дека сè мора да се гледа од најмалку два различни агли, а со тоа и извори, мора да се најде тој „втор“ извор. Како да го направиме тоа во случај на пандемија? Новинарите не одговорија соодветно на овие две прашања. Тие не го следеа ритамот на кризата, ниту најдоа кредибилен „втор“ извор.

Ако тие некако ѝ понудија „втор“ извор на јавноста, тоа првенствено беа сомнителни експерти што зборуваа од позиција на „теорија на заговор“ (таблоиди), или се луѓе што одамна веќе не се во таа професија (поточно, луѓе во години), и веќе не се доволно релевантен извор (кредибилни медиуми). Основното следење на она што го нудат медиумите во време на ковид-19 покажа колку тие не се подготвени за потребната задача да известуваат во време на криза, а кризите ги има сè почесто. Време е новинарите да се едуцираат за да ја исполнат таа задача. Едни од ретките места каде што студентите можат да слушаат курс за тоа како да се известува во кризни ситуации се Катедрата за медиумски студии при Филозофскиот факултет во Нови Сад и на Катедрата за новинарство при Факултетот за политички науки во Подгорица. На сите други студии по новинарство во земјите од Западен Балкан ретко се среќаваат такви задолжителни или изборни предмети. Вакви предмети мора да се воведат како задолжителни на студиите по новинарство, а во рамките на доживотното образование да се организираат обуки за известување во кризни ситуации.

проф. д-р Дубравка Валиќ Недељковиќ

(Республика.еду.мк)