Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пандемијата ги извади на виделина сите затегнати односи во семејствата, при што граѓаните многу повеќе од претходно се обраќаат за помош во брачните советувалишта или во центрите за социјална работа, а забележан е и зголемен тренд на разводи и кај помладите и кај повозрасните

ПОКРАЈ ЗДРАВСТВЕНАТА КРИЗА, КОВИД-19 ПРЕДИЗВИКА И КРИЗА ВО ФУНКЦИОНИРАЊЕТО НА СЕМЕЈСТВАТА

Животот во пандемиски услови предизвика многу тешкотии и стресни ситуации во семејствата, поради што граѓаните многу поинтензивно за помош се обраќаат во брачните советувалишта или во центрите за социјална работа. Од центрите за социјална работа потврдуваат дека проблемите со кои се соочуваат партнерите се од различна природа (материјална, социјална, емоционална…), но она што се јавува како најголем причинител за разорување на брачната заедница е живеењето во проширени семејни заедници во заеднички домаќинства, што доведува и до дисбаланс на целокупното семејно функционирање. Токму поради сето ова, брачните советувалиште за време на пандемијава имале и повеќе работа, а тоа ни го потврдуваат и од некои од центрите за социјална работа во земјава. Од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Скопје велат дека пред сѐ видливо е изразена потребата од психолошко советување и третман во делот на партнерските релации и непреченото вршење на родителската улога. Нивниот општ впечаток е дека најчесто се обраќаат или препраќаат кај нив партнери што се во зрели години.

– Пандемијата ги извади на виделина затегнатите односи во семејствата, а како најголем проблем се појави насилството врз повозрасни лица. Особено за време на карантините, кога беа по неколку дена, кога имавме полициски час, се зголеми бројот на пријави за вербални расправии и физичко насилство помеѓу деца и родители, зборувам за полнолетни возрасни деца и нивните малку повозрасни родители. Потоа имавме несогласувања помеѓу тие што веќе се разведени во однос на средбите со децата. Проблем беше што мајките ја користеа пандемијата со образложение дека таткото можеби излегува на работа и со тоа детето се доведува во ризик. Се бараа помош и консултации во однос на недоразбирања со останувањето без работа. Работењето од дома доведуваше до чести вербални расправии помеѓу луѓето, особено помеѓу сопружниците. Во овој период стагнираа разводите на браковите, затоа што судовите работеа со скратено работно време. Како што почнаа со работа судовите, така влегоа во динамика бракоразводните постапки. Најчесто се разведуваат лица на некоја средна возраст. Морам да го истакнам фактот дека кај младите брачни двојки нема праг на толеранција, кај нив многу брзо се донесуваат одлуките за развод. Постарите сакаат да одат во брачно советувалиште, додека помладите не, тие се разведуваат дури и по една година брак – вели Наташа Станојевиќ, директорка на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи.

Од центарот појаснуваат дека нивните стручни лица преку стручно-советодавни и советувалишни разговори даваат насоки и укажувања за зајакнување на психолошките сили и потенцијали, освестување и соочување со личната одговорност за појавата на брачната криза, односно водење на партнерите низ процесите на индивидуални и партнерски кризи. Тие велат дека на тој начин придонесуваат за намалување на недоразбирањата и конфликтните односи и релации помеѓу партнерите.
– Во овој период, кога сѐ уште трае пандемијата, а последиците од неа ќе се рефлектираат на секое животно поле на поединецот и многу подоцна, не можеме да кажеме точни бројки колку бракови ќе бидат спасени. Стручните лица од центарот за време на пандемијата постапуваат по судските барања за развод на брак и доверување малолетни деца, но и по лични барања од партнерите доставени во центарот. Може да се констатира дека по спроведувањето на мировната постапка или санирањето на брачните конфликти (во согласност со методологијата на работа на стручните лица), има задоволителна бројка на партнери што одлучиле да ја продолжат брачната или вонбрачната заедница -информираат од ЈУ МЦСР.

Генерален впечаток на стручните лица во однос на проблемите што ги исфрли на површина оваа здравствена криза со пандемијата се спомнуваат вишокот слободно време и неможноста, односно ограниченоста за негово организирање, како и недостигот од меѓусебна толеранција, разбирање, почитување, емпатија…
– Со оглед на состојбите во кои се наоѓаме, и во Куманово брачните советувалишта имаа повеќе работа. Она што најмногу ја разорува брачната зедница се нетрпението, конфликтите, недоразбирањето, осетливоста и исполнувањето на обврските на родителот спрема потребите на партнерот и децата, воспитните ставови и непознавањето на партнерот, останувањето без работа, кое влијае на финансиите во домот, подготвеноста и капацитетот да се справат со новонастанатата состојба и приспособувањето на неа. Здравствената криза на површина исфрли страв и неизвесност во животот, како и неподготвеност сопружниците да се справат со тоа. На брачните двојки навистина им е потребна психолошка поддршка – објаснуваат од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Куманово.