Фото: Игор Бансколиев

Една година од светската пандемиска криза, европските анализи покажуваат дека партиите што настапуваа популистички во првиот бран од кризата и собираа симпатии, сега ги губат стекнатите рејтинзи и се принудени да ги менуваат своите популистички стратегии на дејствување. Таков пример се речиси сите влади во Југоисточна Европа. А лаконскиот одговор на аналитичарите е дека „сите влади губат“. Но како се одразува кризата на политичката сцена во државава?

Југоисточноевропска дилема: Кој изгуби, а кој доби од ковид-кризата?

Како пандемијата се одрази врз политичките партии, дали властите во менаџирањето на кризата, користејќи популистички политики, си нанесоа политички штети? Ќе заминат ли популистичките партиски политики со заминувањето на пандемијата? Една година од светската пандемиска криза, европските анализи покажуваат дека партиите што популистички настапуваа во првиот бран од кризата и собираа симпатии, сега ги губат стекнатите рејтинзи и се принудени да ги менуваат своите популистички стратегии на дејствување. Таков пример се речиси сите влади во Југоисточна Европа.
Како се одразува кризата на политичката сцена во државава?

Не само популистите, губиме сите

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека актуелните влади во сите земји се под притисок од пандемијата, независно дали се тие популистички или не.
– Засега е погрешно да се прави аналогија на тоа дека само популистичките влади губат. Одговорот е дека сите влади губат. Луѓето се незадоволни од актуелната состојба, затворени се, пандемијата ги кочи во многу животни ситуации, а тоа го рефлектираат врз актуeлната влада во земјата каде што живеат – вели Арсовски.
Тоа, според него, е случај и во Македонија.
– Но не можеме да бидеме сигурни дали ваквите состојби се транзиторни или не. Кога животот ќе се врати во нормала, тогаш може да се случи да се врати еуфоријата кон актуелната власт. На пример, владите во Англија, Србија и во Израел добиваат еуфорична поддршка. Таков бран може да се повтори и кај нас, кога луѓето ќе почувствуваат дека животот се враќа во нормала. Може да има еуфорија дека кризата завршила и поддршка на актуелната власт. Но сега за сега не знаеме како ќе се одвива состојбата – заклучува Арсовски.

Пресудна ќе биде кампањата за вакцинација

Политичкиот аналитичар Сефер Селими смета дека популистите ги градат нивната политичка платформа и порака врз база на едноставни решенија и одговори дури и за најкомплицираните проблеми, особено кога се во опозиција. – Во краток рок, ваквата поставеност звучи логично и примамливо за обичниот гласач. Но кога ќе се соочат во реалност со вистинските проблеми и кога тие решенија не доаѓаат преку зборови, туку треба да се дејствува со конкретни чекори, речиси секогаш непопуларни за мнозинството од граѓаните, но поткрепени од научни и стручни политики, како што е примерот со пандемијата, реалноста е сосема поинаква – вели тој.
Според него, во Македонија на почетокот на пандемијата, кога перцепцијата беше дека ситуацијата е под контрола и дека власта добро менаџира, политичките поени одеа во нивна полза, а најпопуларен министер беше токму министерот за здравство.
– Сега, кога ситуацијата е влошена, а граѓаните освен што се под економски се и под силен психички притисок, тоа се одразува и на популарноста на Владата, особено кон министерот за здравство. Критиката на опозицијата целиот овој период била континуирана, во ретки случаи со доза на популизам, но сепак во рамките на нормалноста. Како ќе заврши сето ова и кој ќе излезе како политички победник ќе зависи целосно од кампањата за вакцинација, а тука моментално популарноста на Владата е во слободен пад – додава Селими.

Популистите со намален рејтинг

Според анализите на политиката во Европа, пандемијата го свртела нишалото на политичкиот консензус далеку од популистите, намалувајќи го нивниот рејтинг за одобрување пред клучните парламентарни избори во 2021 и 2022 година. Но за да го искористат ова, традиционалните политички партии ќе мораат да се обновуваат како „антипопулисти“.
Но, и покрај гревовите на нивните влади, популистите ја задржаа власта во Полска, Унгарија, Чешка и, до неодамна, Словачка.
Состојбата со коронавирусот имаше трансформативно влијание врз политиката на Централна Источна Европа, истакнувајќи ги слабостите во популистичкото управување. Ова е најочигледно во Чешка, која добро се справи со првиот бран на пандемија, но последователното лошо раководење ја доведе до вториот најголем случај на инфекција во Европа, само зад Црна Гора.
Рејтингот на чешкиот премиер Андреј Бабиш потона толку брзо како што се зголемија стапките на инфекции на вториот бран, а неговата партија, АНО, се чини дека ќе биде надмината од опозицијата во анкетите за првпат од 2013 година.
Во САД лошото управување со кризата на Доналд Трамп сериозно им наштети на неговите шанси за реизбор.Покрај тоа, кризата ги поткопа најсилните средства на популистичките влади – економските перформанси.
Со сериозни рецесии што ја погодуваат секоја држава на ЕУ во 2021 година, на популистите ќе им биде потешко да укажат на слабиот раст на нивните западни соседи во илустрација на нивната сопствена супериорност.
Всушност, пандемијата ја подвлече економската вредност на ЕУ. Дури и строго евроскептичните полски и унгарски влади беа принудени да направат компромис со Брисел за новите одредби за заштита на вредностите на ЕУ во нивните земји за да се квалификуваат за очајно потребно финансирање во итни случаи. За владите што долго време го критикуваа мешањето на ЕУ во внатрешните работи, ова беше горчлива пилула.

[email protected]