Фото: Игор Бансколиев

Aанализа на министерството за финансии за задолженоста на локалната самоуправа

За само една година, во време на пандемија кога поголемиот дел од општинската администрацијата не работеше и не се реализираа голем дел од предвидени проекти, вкупниот долг на општините пораснал на 114,7 милиони евра.
Според податоците на Министерството за финансии, само во првиот квартал од годинава вкупниот доспеан, а неплатен долг на сите 80 општини изнесува 62,3 милиони евра, на кој, пак, ако се додадат и долговите на јавните претпријатија што се под капа на општините во вредност од 52,4 милиони евра, тогаш вкупниот долг на локалната власт во првиот квартал од годинава изнесува 114,7 милиони евра.
За потсетување, лани заклучно со декември вкупниот долг на општините и јавните претпријатија изнесувал 108, 3 милиони евра, а државниот ревизор информира дека тогаш вкупно 11 општини биле со блокирани сметки поради неплатени долгови.
Лидер на ранг-листата на најзадолжени општини и годинава е Тетово, со вкупно 11,3 милиони евра , по неа е Охрид со седум милиони евра, а на трето место е скопската општина Карпош со долг од 4,9 милиони евра.
Во оваа листа на големи должници се и Гостивар со четири милиони евра и Делчево и Струга со по три милиони евра доспеани, а неплатени долгови. Односно овие општини го сочинуваат половина од вкупниот долг на сите локалните власти во Македонија, иако во нив не спаѓаат долговите на јавните претпријатија што се под нивна капа.
Од нив најголем должник е кумановското водоводно претпријатие со речиси осум милиони евра долг, по него е скопското водоводно претпријатие со долг од 5,6 милиони евра, а на третото место се рангирани тетовското комунално претпријатие со 4,7 милиони евра и кумановското „Чистота и зеленило“ со 4,3 милиони евра.

Анализите на невладината организација „Агтис“, пак, покажале дека зголемените долгови на дел од општините во земјава се резултат и на големите апетити на локалните власти, не само за лично богатење туку и за удомување на партискиот персонал и непотребно зголемување на општинската администрација.
Александар Цветкоски од оваа организација вели дека некои од општините применуваат и методи со кои ги прикажуваат трошоците како помали или поголеми.
Според него, не постои логично објаснување за зголемувањето на долговите во услови во кои нема големи капитални проекти на општината.
– Партиите прават најразлични трикови, едните да го намалат долгот, а другите да го претстават како многу повисок од порано. Од 2008 година, од фискалната децентрализација општините трошат посериозни пари и оттогаш ем буџетите се зголемуваат ем блок-дотациите што ги дава државата, дел од општините добиваат пари и од странски донации, а Владата молчи кога знае дека еден дел таа ќе ги отплати долговите, а тие се задолжуваат – вели Цветкоски.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, пак, објаснува дека, за жал, државата сѐ уште не го нашла успешниот лек за овој проблем, кој ги кородира државниот и локалниот буџет.
Тој објаснува дека се работи за системски проблем и дека една од причините за зголемувањето на долговите се должи и на традицијата за недомаќинско работење на градоначалниците од сите партии, како и за недостигот на институционален капацитет да се санкционираат овие појави. Стефаноски вели дека овие состојби укажува дека има силна потребата од различен пристап на државата кон долговите на општините, иако досега во два-три наврати Владата наместо да помогне, им одмагаше на локалните власти бришејќи им ги долговите.
– На овој начин, власта наместо да ги стимулира општините да излезат од должничката криза, во суштина ги научи да не работат домаќински и да се потпираат врз државниот буџет за излез од тешките состојби во кои тие самите влегле – вели Стефаноски.
Тој се залага за промена на законите и за воведување големи парични и кривични казни против вработените во локалната власт со што ќе се стават во состојба сериозно да внимаваат како располагаат со парите на граѓаните и на кој начин ги трошат.

[email protected]