Важно е да се забрза пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија, изјави заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Метју Палмер на видеоконференција за евроатлантска интеграција на Балканот, во организација од „Грчки дом Давос“.

Како што објавија медиумите во регионот, Палмер истакнал дека Соединетите Американски Држави се стремат кон мирен, стабилен и просперитетен Западен Балкан во ЕУ и дека САД и ЕУ се партнери во промовирање стабилност и борба против корупцијата во регионот.

Палмер ја истакнал важноста на продлабочување на односите меѓу Србија и Косово и забрзување на пристапот на Македонија во ЕУ, потенцирајќи ја важноста на Грција како регионален играч, но и во поширокиот медитерански регион.

Покрај другите регионални лидери и амбасадори, на тркалезната маса присуствуваше и министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ѓорѓе Радуловиќ, кој истакна дека нема иднина за регионот освен европската, пренесуваат медиумите.

Според пишувањата на тркалезната маса присуствувал и косовскиот премиер Албин Курти, кој ја пофалил грчката демократија.

Учесниците, исто така, разговарале за потребата од зголемена политичка одговорност по пандемијата, заштита на независноста на судството и зголемување на учеството на младите во политиката.