Само откако ќе заврши уставната ревизија што ќе ги содржи сите гаранции, тогаш Договорот ќе дојде за ратификација во грчкиот парламент, а соседната земја ќе може да добие покана за членство во НАТО и да започне пристапни преговори со ЕУ, рече грчкиот претстедател Прокопис Павлопулос на денешната средба со неговиот германски колега, Франк Валтер Штајнмаер .

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Павлопулос во изјавата, ги спомена и т.н. грчки национални прашања, а меѓу нив и односите меѓу Македонија и Грција, при тоа додавајќи дека Атина се стреми кон пријателски и добрососедски односи и “во пракса покажува дека ја поддржува перспективата во НАТО и Европската унија”. Но, додаде дека во однос на ова постои еден важен предуслов.

– Решавање на прашањето со името согласно историјата и меѓународното право. За да се случи ова, како што јасно кажавме и е позиција прифатена и од Европската Унија и од НАТО, треба нашата соседна земја да ги направи неопходните промени во нејзиниот правен поредок, а пред сѐ во нејзиниот Устав. Според тоа, очекуваме да го исполни тоа. Само кога конечно ќе заврши целиот овој процес и штом се утврди дека уставната ревизија ги содржи сите гаранции за кои говорев претходно, тогаш ќе може да постои покана за членство во НАТО, како и било каков почеток на разговори, во однос на пристапниот процес на ПЈРМ во Европската Унија. Исто така, само тогаш ќе може да се финализира и содржината на Договорот меѓу Грција и ПЈРМ и да дојде за ратификација во грчкиот парламент – рече Павлопулос на средбата со неговиот германски колега во претседателската палата во Атина.

Германскиот претседател Штајнмаер се задржа на германско – грчките односи, на економското закрепнувње на Грција, на бегалскиот проблем, како и на претстојните евроизбори.

Ова е втора посета на Грција на Штајнмаер во последната една и пол година, а освен со неговиот домаќин, Павлопулос, германскиот претседател се сретна и со грчкиот премиер, Алексис Ципрас.