Очекуваме најмалку пратеничка група, за да ги застапуваме однатре интересите на обесправените

Интервју со професор Димитар Апасиев, лидер на Левица

Каква визија и иднина нудите за Македонија и зошто граѓаните би го дале гласот за вас?
– Нашата визија за Македонија директно произлегува од нашите идеолошки темели и принципи. Според тоа, пред сè нудиме Македонија што ќе биде ослободена од јаремот на странското влијание, организирана и сплотена нација, која за доброто на државата ќе соработува со сите братски народи. Македонија во која економијата ќе биде преструктурирана од анархична во планирана, каде што трудот ќе значи достоинство за работникот. Македонија каде што ќе има лек за сите, а не само за богатите. Македонија каде што јавниот простор ќе им служи на сите, а не само на поединци. Нашата визија е сплотена, унитарна и слободна Македонија, со целосен територијален интегритет и институционален, државнички суверенитет.

Како ги оценувате кампањата, програмата и реториката на политичките противници?
– Кога велиме „противници“, односно други партии, мислиме на СДС и ДПМНЕ. За албанските партии нема што многу да се каже, освен дека нивната кампања е уште еден натпревар на тоа кој ќе понуди поголем национализам како алиби за сиромаштијата на чесните Албанци. Така што, кампањата на противниците е типична за политички групации што повеќе функционираат како корпорации, отколку како политички партии. Тие се толку алиенирани од секојдневието на обичниот народ, што нивните рекламни спотови и материјали се чинат како пародија. Нивната реторика е типична за професионалните политичари што живеат од, а не со маката на сограѓаните. Тие зборуваат многу, без да кажат нешто и сите чиниш зборуваат едно исто!

Кој е вашиот клучен адут на овие избори?
– Пред сè, тоа се нашата искреност, оригиналност и чесност како генерација левичарски политички активисти, односно непрофесионални политичари без претходен партиско-криминален багаж. Но доколку би требало да одвоиме нешто од нашата Изборна програма 2020, тоа би биле следните работи:
◦ Прогресивните даноци и данокот на луксуз како економски политики што ќе ја намалат екстремната класна раслоеност во државава, каде што има еден мал број богаташи што контролираат една третина од вкупното богатство, а од друга страна постојат огромен дел сиромашни, кои едвај врзуваат крај со крај во своите секојдневни животи.

◦ Потоа, нашата заложба за законот за потекло на имот на политичарите, како и нашата намера за темелна ревизија на приватизацијата, како акциски програми за исправање на неправдите од транзицијата.
◦ И уште би ја додал наша непобитна и неподмитлива борба со империјалистичките влијанија во Македонија, преку нашата заложба за поништување на илегалниот и шверцуван т.н. Преспански договор.

Каков резултат очекувате на 15 јули?
– Обратнопропорционален од севкупната состојба на работничкото секојдневие. Очекуваме најмалку пратеничка група во Собранието на Република Македонија, за да можеме однатре да ги застапуваме интересите на обесправените.