Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во отчетот пред пратениците на седница на Комисијата, посветена на евроинтегративните процеси во Македонија по Самитот на Европскиот совет што се одржа месецов, ја оцени како голема неправда и историска грешка одлуката на Европскиот совет да не ѝ додели датум за почеток на преговори на земјава.

-Со одлуката на Европскиот совет, од јуни 2018 го почнавме објаснувачкиот скрининг, што е задолжителен пред почетокот на преговори. Сите овие настани нѐ охрабрија дека ќе добиеме датум, но оваа седница не е свикана за да си честитаме. Да немаме дилеми, неможноста на Европскиот совет да донесе одлука и да не постигне консензус е направда и историска грешка – рече Османи.

Во оваа насока тој потенцираше дека поканата за членство во НАТО, но и брзата ратификација од земјите-членки на алијансата која се одвива во текот на овој период, претставува јасна порака од европските и светските пријатели дека Македонија е на вистинскиот пат, дека претставува дел од семејството на западните држави и дека со право се надева на членство во сите мултилатерални организации кои припаѓаат на западната цивилизација.

Шефот на диплоатијата, Никола Димитров, пред пратениците се осврна и на прашањето каде лежи одговорноста за последната одлука на Советот на Европа. Тој потсети дека Македонија во 2001 година беше во група со Хрватска, доби статус кандидат за членство во 2005, а во 2009 ја доби првата препорака за почеток на преговори. Исто така, ги цитираше заклучоците на Европскиот совет од јуни минатата година и рече дека Европската комисија го потврди тоа со својот извештај во јуни годинава.

-Но за жал, во октомври немаше јасна и суштинска одлука од Советот – истакна Димитров.

Тој се наврати на изјавите на Хан, Јункер и Туск, кои оценија дека недоделувањето датум за Македонија и Албанија е погрешен чекор и историска грешка.

-Ние сме регион што се граничи со земјите-членки на ЕУ. Не може Унијата да биде цврста и стабилна ако овој регион не стане суштински дел од Европа – додаде Димитров.

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред да започнат обраќањата на Османи и Димитров ја напуштија седницата на Комисијата, откако пратеникот Aнтонио Милошоски ја оцени денешната седница како владина забава.

Тој повика на дебата за оваа тема утре во Комисијата за надворешни работи и го покани министерот за надворешни работи Димитров да присуствува.

На седницата беа поканети сите пратеници во Собранието, претставници на дипломатскиот кор во земјата, како и претставници на владиниот и невладиниот сектор, академската заедница и други.