Очигледно дека македонско-бугарското добрососедство, потпишано обострано во 2017 г. заради отворање на македонските евроинтеграции, е заглавено на улицата што види кон ЕУ. Се наоѓаме пред спуштената рампа на анахрониот бугарски хегемонизам. Но од „другата страна на медалот“, и на политичката и на граѓанската јавност во Македонија им е јасно дека прекинот на релациите со Бугарија не е решение, како што и за бугарската страна не е решение агресивната кампања против Македонија пред ЕУ (заради добивање некои свои европски концесии). Така, во ситуација по ефектуирањето на бугарското вето за преговарачката рамка на ЕУ, за Македонија тоа значи повик за неопходност од конципирање „нова стратегија за односи на добрососедство“

Крај на досегашното „добрососедство“ и почеток на нови добрососедски односи?

За продолжување на драматичниот надолен тренд на македонско-бугарските односи, со наближувањето на крајот на германското претседателство со ЕУ, се чини дека имаат удел и другите земји-членки на ЕУ, кои покажуваат рамнодушност, иако спорот има силни референци и на самата ЕУ и на меѓународното право и поредок. И покрај дипломатските заложби на Германија за надминување на разликите во позициите меѓу Македонија и Бугарија за причините за бугарското вето условено со историско-идентитетски барања, сепак канцеларката Меркел во обраќањето на Берлинскиот процес индиректно порача соседите самите да најдат решение за билатералниот спор. Таквиот анемичен и дистанциран став на ЕУ, во експертската јавност беше протолкуван како премолчена поддршка на Бугарија за нејзините ирационални услови. Бугарија, пак, таквиот став го протолкува како експлицитна поддршка за неа и насочен притисок кон официјално Скопје за да направи отстапки. Случувањата што следуваа, најмногу од неодамнешното интервју на македонскиот премиер Зоран Заев за бугарски медиум, создадоа многу контроверзни историски гледишта со што жестоко ја разбрануваа македонската јавност, во извесни политички процени се толкува токму како резултат на таквото пренасочување и рефокусирање и засилување на европскиот притисок.

Очигледно дека македонско-бугарското добрососедство, потпишано обострано во 2017 г. заради отворање на македонските евроинтеграции, е заглавено на улицата кон ЕУ, заради спуштената рампа на анахрониот бугарски хегемонизам (но и силниот отпор на македонската страна да направи историски отстапки). Од „другата страна на медалот“ и на политичката и на граѓанската јавност во Македонија им е јасно дека прекинот на релациите со Бугарија не е решение, како што и за бугарската страна не е решение агресивната кампања против Македонија пред ЕУ (заради добивање некои свои европски концесии), но и пренасочување на вниманието од своите внатрешнополитички предизборни ситуации. Јасно е дека билатералните односи мораат да се одржуваат заради заемниот и регионалниот развој како приоритет (и услов) на ЕУ и нејзините политики. Сепак, во ситуацијата по ефектуирањето на бугарското вето за преговарачката рамка на ЕУ, за Македонија е неопходно да се конципира нова стратегија за добрососедство.
– Нема сомнение дека треба да изградиме нова стратегија за преговорите со Бугарија. Новата стратегија мора да се потпре на нашето генерално политичко искуство и да тргне од обнова на политичката дебата внатре во Македонија – треба да ги намалиме политичките конфликти, да отвориме дијалог, да се обидеме да градиме заеднички ставови за клучните преговарачки теми, да се потрудиме да изнедриме единствена платформа, а треба и да го реафирмираме, но и да го редефинираме и македонизмот, кој не е фолклорен национализам и шовинизам, туку цивилизациска вредност.

И секако, треба многу, ама баш многу да работиме на подобрување на односите со сите соседи, а сега посебно со Бугарија. Можат ли ова да го разберат Заев, Христијан Мицкоски, Стево Пендаровски и другите македонски политичари? Може ли динамиката на политичка битка во Македонија да овозможи еден ваков, драматично нов пристап? – ја постави јавно оваа идеја новинарот Бранко Геровски во една своја колумна.
Од друга страна, приближувањето на крајот на германското претседателство, затскриеното нерасположение во ЕУ за проширување и нависнатото бугарско вето за преговарачката рамка создаваат притисок во Македонија за избрзани (па и непромислени) реакции и изјави на политичарите, кои во јавноста предизвикуваат перцепции дека сето тоа води кон ревизија и редефинирање на македонската историја и национален идентитет.
– Несомнено дека македонско-бугарските односи се длабоко навлезени во еден непосакуван правец, и тоа за двете страни, кој особено стана непријатен по официјализирањето на ветото. Но далеку од тоа дека шансите за надминување на спорните моменти за започнување на македонските преговори со ЕУ се исцрпени. И покрај сегашната бура реакции и емоции, ценам дека за една до две седмици, Македонија и Бугарија ќе излезат со еден меморандум, конципиран така што ќе им дозволи на Бугарите да се извлечат од неразумните, неисполниви и невозможни услови што ни ги поставија. Тоа би била една дипломатска рамка, со општоприфатливи декларации за немање територијални претензии, осуда на говор на омраза, насочување на економска соработка, инфраструктурно поврзување… нешто што без проблем секој би го прифатил.

Таа дипломатска рамка нема да се движи кон негирање на македонскиот национален идентитет и неговите историски и јазични обележја – вели професорот по меѓународно право, Љубомир Фрчковски.
Меѓу другото, Фрчковски проценува дека во тој евентуален меморандум можеби ќе се оди на политичка коректност во декларирањето на некои историски синтагми (како „бугарски фашистички окупатор), но не може да се случи да бидат доведени во прашање антифашистичките темели на македонската државност, пред сѐ затоа што антифашизмот е поширок контекст на кој се базира новата Европа. Во контекст на билатералната комуникација за решавање на разликите во македонско-бугарските позиции, професорот Фрчковски смета дека кога се зголемува преговарачкиот колач со нови барања, тоа е добра позиција за постигнување согласност за поголем број прашања што без проблем би биле прифатени, но и да се остави простор за изразување став за прашања за кои не се преговара.
Сепак, во македонскиот политички амбиент никако не може да се избегне впечатокот дека колку и да се зголемува т.н. „преговарачки колач“, не се намалуваат темите за кои македонската држава треба да ги преиспита своите досегашни наративи. Покрај преиспитувањето на наративот за етничкиот карактер на македонската револуционерна борба и македонските револуционери од втората половина на 19 век и почетокот на 20 век, се чини уште поконтроверзно е наметнатото преиспитување на улогата на бугарската држава во окупацијата на македонската територија за време на Втората светска војна.

– Европа треба да знае дека фашизмот се родил, постоел и војувал токму на нејзино тло. Ако заборавила, треба да се потсети, бидејќи ако немало фашизам, немало ни антифашисти во Европа. Во тој случај, сите се ставаат во иста корпа – и агресорите и агресираните, и окупаторите и окупираните. Како може да го заборавиме АСНОМ, кога врз него се темели современата македонска држава? АСНОМ е кратенка на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, што јасно говори дека постоел фашизам. Тој факт никој не може да го избрише. Ако се откажеме од нашата антифашистичка борба, сме се откажале од самите себе. Понатаму, против кого се бореа Велика Британија или Франција (која беше и окупирана) во периодот 1939-1945? Откажувањето од тоа, би значело откажување на Европа од самата себе. Такво нешто Европа нема никогаш да си дозволи, но од некои ирационални причини го бара од нас. Ние не можеме да се откажеме од нашата антифашистичка историја (макар никогаш не биле примени во ЕУ) како што и тие не можат да се откажат од својата историја. Токму антифашистичката војна е тоа што длабоко нѐ поврзува со Европа и нѐ прави дел од една заедничка историја.

Според тоа, нашата историја е заедничка со европската, а не со бугарската. Фактот што во Бугарија имало одредени антифашистички отпори не ја прави антифашистичка, како што постоењето на партизанското движење во Италија не ја прави антифашистичка земја. Една од најубавите протестни песни, создадена во 19 век, а подоцна станува една од најпознатите антифашистички/партизански песна е „Bella Ciao“. Сепак, тоа не ја ослободува Италија од нејзиното фашистичко минато. Ова треба да го знаат бугарските политичари и историчари, како и „македонскиот премиер“ – откажување од минатото нема и не може да има! – категоричен е универзитетскиот професор по филозофија, Љубомир Цуцуловски.


Гинтер Фелингер: Македонија пред ЕУ треба да го истакне членството во НАТО

Австрискиот политички советник за побрза интеграција во ЕУ на зeмјите-кандидати, Гинтер Фелингер, препорачува Македонија во своите евроинтеграции да го користи аргументот на членството во НАТО, како и НАТО-членките на Балканот да формираат алијанса и да бараат брз прием во ЕУ
– Треба да размислите кои отстапки можете да ги направите, а кои се работите за кои никогаш не би можеле да преговарате. На пример вашиот јазик. Треба да се подготвите за тие преговори. Ние во ЕУ сме многу рационални и сакаме да ви помогнеме. Дефинитивно ќе бидете дел од ЕУ, не грижете се. Но треба да ни олесните за да ви помогнеме и да ве внесеме. Мислам дека спорот (со Бугарија) ќе се реши пред тоа. Но нема да биде страшно ако треба да се чека до април. Во моментов се чувствува голем притисок во ЕУ за остварување прогрес. На таа тема Макрон е единствениот што даде вето во однос на Македонија. Сите други членки се кристално јасни во поглед на своите ставови и ја посакуваат Македонија во ЕУ.

Морам повторно да напоменам дека во моментов имаме претседател на САД што е проевропски настроен. Бајден добро ги познава Македонија и овие проблеми. Тој сака да види прогрес. Европејците се оние што треба да го помогнат тоа. Македонија ќе влезе во ЕУ. Нема да ви дозволиме да чекате уште 10 години. Бугарите немаат толкава моќ во ЕУ. Сега успехот е клучен. Не можам да тврдам дека ќе биде како што сакам. Можеби ќе почекате до 2022,2023,2025,2027 г., но таа е скора временска рамка. Вие и Црна Гора сте следните земји што ќе бидат дел од проширувањето на ЕУ. Можеби и Албанија. Многу е важно НАТО-членките на Балканот да формираат алијанса и да бараат брз прием во ЕУ. Затоа сум оптимист за тие земји – кажа во едно медиумско гостување Гинтер Фелингер.