Бујар Османи од Познан

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на годишниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група – В4 и земјите од Западен Балкан – ЗБ6, кој во рамките на полското претседавање се одржа во Познан.

Централна тема на состанокот беше процесот на проширување на ЕУ и последните случувања поврзани со последните Самити на ЕУ. Во присуство на специјалниот претставник на ЕУ за регионалните прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, и на МНР на Хрватска, беа отворени прашања за иднината на пристапниот процес со земјите од регионот како двонасочен процес што подразбира исполнувања од двете страни, како и одразот на сите овие прашања врз кредибилитетот и интегритетот на ЕУ во регионот и глобално, информираат од кабинетот на Османи.

Османи упатил благодарност до претстојното словенечко претседателство за нивните планови и приоритети во однос на Западниот Балкан, но и за напорите на португалското претседателство за почеток на пристапни преговори со Македонија и Албанија.

„Земјата во изминатите години вложи исклучителни напори за да го отвори преговарачкиот процес, соодветно, секое одложување на овој старт создава одредени фрустрации и недоверба кон процесот на проширување. Но и покрај овие предизвици, ние не само што не се откажуваме од сопствената европска иднина, туку продолжуваме и со активен ангажман во надминување на недоразбирањата со нашиот сосед, како и со нашиот активен ангажман во заштита и промоција на европскиот кредибилитет во регионот“, истакна Османи.

Министрите, како што е посочено во соопштенеито, без исклучок испратиле силна порака да се продолжи со напорите за донесување на неопходните одлуки во рамките на словенечкото претседателство до крајот на годината, ја нагласиле важноста од продолжување на процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ и ја истакнале важноста на преговарачкиот процес за внатрешните реформи на земјите, како и за севкупна позитивна трансформација на регионот.

На состанокот голем дел од разговорите меѓу министрите бил посветен и на регионалната соработка во контекст на економското заздравување на регионот, продлабочувањето на соработката во областите на заедничкиот регионален пазар, дигитализацијата, зелената агенда, како области со голем потенцијал за економско заживување на регионот.

Османи се заблагодарил на поддршката што Вишеградската група ја дава на регионот, која е изразена преку голем број конкретни проекти. Во тој контекст се осврнал на годинешното претседавање на Македонија со Фондот за Западен Балкан, чија работа во голем дел е поддржана од Меѓународниот вишеградски фонд и В4 групата. Тој ги изложил приоритетите на претседавањето на земјата со Фондот кои се однесуваат на негов натамошен раст, зголемена проектна активност и јакнење на регионалната сопственост врз неговата работа.