Со овозможување директно учество на граѓанските организации во креирањето јавни политики за континуиран демократски и економски просперитет на државата, во Владата денеска се одржа Отворен ден за консултација за младинските политики.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, ја истакна важноста на денешната средба и нагласи дека таквите средби и разговори покажуваат колку се важни политиките кои ги креира Владата и се показател колку тие се имплементираат.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми, се осврна на посветеноста на Владата на подобрувањето на образованието како инвестиција, која на младите ќе им помогне во конкурентноста на пазарот како и во унапредување на нивното знаење и иновативноста.

Министерот за здравство Венко Филипче, потенцирајќи ја посветеноста на Владата на младинските политики и вложувањето во здравството, во едукацијата и во програмите во социјалната политика, ги образложи конкретните мерки кои Министерството ги презема за задржување на медицинскиот кадар во земјата.

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, се осврна на иницијативите кои Фондот ги разви во последните 20 месеци и кои се директно насочени кон младите и нивното вклучување во процесите на воведување иновации и нови вредности во сите општествени сфери на живеење.

Отворен повик за соработка, упати и директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Дарко Каевски, кој подвлече дека таквите предлози ќе придонесат за подобрување на актуелните политики, кои ќе влијаат на подобрување на животот на младите луѓе и исполнување на нивните приоритети.

Каевски истакна дека интересот за Европската младинска картичка, која од први јули ќе биде дистрибуирана е огромен и ја најави новата иницијатива на АМС за отворање младински центри во четири градови низ државата, како простор каде што младите можат да се здружат, да се вклучат во активности поврзани со нивните различни потреби и интереси, да учествуваат во процесите на донесување одлуки и слободно да се изразуваат.

Советникот во Кабинетот на претседателот на Владата, Ѓорги Тасев, се осврна на суштината на вклучување на сите релевантни и заинтересирани фактори за заедничко креирање и подобрување на статусот на младите.

Претставниците на граѓанските организации се вклучија во дискусијата, образложувајќи ги своите иницијативи, кои се однесуваа на насоки за подобрување на средношколското и студентското демократско организирање, мерки за подобрување на нивниот стандард, предлози за подобрување на координацијата и дијалогот меѓу младинските организации и институциите.

Присутните претставници на младинските граѓански организации ги отворија и темите за сеопфатното сексуално образование, подобрување на ситуацијата на младите малолетници кои употребуваат психотропни супстанци, како и подобрување на условите за еднаков и инклузивен пристап до образованието на сите заедници.