Карикатура: „Нова Македонија“

Во последниот период на политичката сцена зачести практиката на пишување отворени писма во кои домашните политичари или некогашни функционери изнесуваат свои видувања, главно критики, кон одредени центри на моќ. На што се должи ваквиот феномен? Кој е лајтмотивот на пишувачите? Дали отворените писма се израз на недемократичност внатре во партиите и неможност да се пласира поинаков став, или тие се чистење на совеста и обид за брзо и лесно прешалтување во
спротивниот политички табор?

Што претставуваат и каква цел остваруваат отворените писма, кои се чини дека зачестија изминатиов период на домашната политичка сцена? Колкави се нивната политичка тежина и употребна вредност и кому му се тие вистински наменети?
Токму ваквата практика на пишување отворени писма стана актуелна во домашната јавност изминатиов период, во време кога се засилија политичките турбуленции (и во власта и во опозицијата), кои, директно и индиректно, беа поврзани и со спроведувањето на процесите во врска со спогодбата со Грција од Мала Преспа.
Хронолошки гледано наназад, последен пример беше регистриран неделава, кога поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски преку отворено писмо се обрати до ВМРО-ДПМНЕ и ја повика партијата да биде дел од националното помирување. Претходно, Граѓанско демократската унија (ГДУ) упати отворено писмо до премиерот Зоран Заев и побара одговорност и разрешувања поради бегството на Никола Груевски. Во два наврата, во интервал од две седмици во првата половина на ноември, поранешниот директор на УБК и некогашен висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков, му пиша отворени писма на претседателот на неговата партија Христијан Мицкоски, во кои ги коментираше случувањата во најголемата опозициска партија. На 5 ноември политичката партија Глас за Македонија испрати отворено писмо до сите пратеници на македонското собрание, во кое ги повика парламентарците да дејствуваат со свест и одговорност за време на амандманската расправа за уставни промени. На крајот на октомври, преку сличен начин на јавна објава, за повеќе медиуми симултано се огласи и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. Со отворени писма за случувањата во опозицијата изминатиот период се обратија и редица други сегашни или поранешни активисти на партијата.

Но отворени писма често се адресираат и до владејачката структура.
Така, поранешниот прв човек на фондацијата „Отворено општество“, Владимир Милчин, кој важи за приврзаник на политиките на СДСМ, објави отворено писмо до премиерот Зоран Заев, во кое тој наведе критики за начинот на кој дејствува актуелната влада. Тој истакна дека Заев треба да се соочи со секојдневието, во кое граѓаните не ги препознаваат ветувањата од изборната кампања, и дека паролата „Живот за сите“ ќе останела, за жал, само парола. На власта изминатиот период ѝ испраќаат отворени писма и редица активисти од Шарената револуција, еколошки здруженија, од Граѓанскиот сектор, но и поранешни и актуелни функционери.
Листата на отворени писма е долга и широка. Прашањата што се третираат во отворените писма се со најразлична тематика и може да се однесуваат на внатрепартиски состојби или фокусот да биде кон спротивниот табор. На што се должи ваквиот наплив на отворени писма и што се постигнува со нив?

Во меѓувреме, во сублимиран заклучок, експертите со кои се консултиравме велат дека сѐ позачестената практика на користење т.н. отворени писма во македонската јавност, со кои се пренесува одредена политичка порака, покажува дека нешто не чини во домашната политичка елита кај најголемите македонски партии. Аналитичарите истакнуваат дека отворените писма се алатки што имаат за цел пораката да ја дистрибуираат до сите во услови кога политичките партии дејствуваат недемократски. За познавачите на случувањата, овој феномен во светот на развиените демократии не е практика туку најчесто е одраз на дејствување на политичарите во недемократски политички опкружувања.

Универзитетскиот професор Лазар Лазаров вели дека овој феномен во Македонија е одлика на недемократичност, како на партиите така и на самото општество.
Лазаров истакнува дека отворените писма практично покажуваат колку нашите партии се недемократични во своето дејствување, а тоа еднакво се однесува и на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и албанскиот табор партии, предводени од ДУИ.

– Партиите мора да се реформираат однатре, бидејќи тие ги носат сите политички динамики во земјата, кои потоа се одразуваат на сите нас. За жал, во Македонија очигледно на овој начин дејствуваат сите лидери во партиите, со особен акцент на албанските партии, па нивните членови или оние што доаѓаат во судир со нив политички мораат преку отворени писма да ја информираат целата партија – вели Лазаров.

Тој истакнува дека партиите во суштина се тоталитарни и се комплетно во рацете на лидерот.

– Такви карактеристики на дејствување најмногу може да се препознаат во 11-те години во кои Никола Груевски раководеше со ВМРО и кој во залог за своите политики ги стави и партијата и државата. Ништо подобар не беше ни Бранко Црвенковски од СДСМ, кој поради своите дејствувања поврзани со приватизацијата и територијалната поделба ја уништи партијата, на која ѝ требаа декади да закрепне од тоа владеење и да се врати на власт. Според мене, мислам дека најлоша е ситуацијата во ДУИ, каде што Али Ахмети е врвна власт и каде ништо не може да се оствари политички ако тој не даде амин – вели Лазаров.

Професорот истакнува дека оние што се дел од најголемите партии во Македонија мораат да разберат дека доколку некој не размислува како мнозинството, а истовремено е дел од истата политичка опција, тој не е непријател туку е дел од демократскиот колорит на истата партија.

– Јас строго верувам во тоа дека нема напредок за партиите доколку не постои нивна демократизација, а, аналогно на тоа, и нема напредок за Македонија доколку не се демократизираме. Лидерите на ЕУ неколкупати ни истакнуваат дека доколку сакаме да станеме дел од Унијата, ние најпрво мораме да ги направиме најбитните промени кај себе, а под тоа јас подразбирам да ја демократизираме целата држава во правец на европските вредности – вели Лазаров.

Тој истакнува дека оваа негативна карактеристика, за жал, не е одлика само на политичката сцена во Македонија, туку таа е горе-долу иста и во сите балкански држави што се стремат да станат составен дел од ЕУ.

Политичкиот аналитичар Александар Пандов смета дека во Македонија на отворени писма се одлучуваат оние политичари што ја испеале својата песна, односно завршиле со својата политичка кариера.

Според него, интересна карактеристика на феноменот на отворени писма во Македонија е онаа што пишуваното најчесто се однесува за оние политичари од сопствениот табор наместо за оние политичари што се дел од, условно кажано, ривалската политичка опција.

 

– Конкретно, како пример можам да ги истакнам двете писма на Сашко Мијалков што беа упатени до Христијан Мицковски, во кои, доколку се прочитаат, може да се препознаат единствено критики за партијата и ништо повеќе, иако тој самиот беше дел од некогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ – вели Пандов.

Аналитичарот додава дека отвореното писмо може да е практика и во дејствувањето на политичката сцена во оние случаи во кои „пишувачот“ не е доволно елоквентен и речит во давање изјави пред камера, па тоа го прави најдобро во писмена форма.


Рефлексија врз целото општество

Освен во партиите, трендот за отворени писма очигледно го зафати и целото општество. На 15-ти месецов, генерација приватни специјализанти во медицината преку отворено писмо упатија забелешки до премиерот Зоран Заев, за ветување, кое, како што велат тие, уште не е остварено од власта, а се однесувало на доделување плата за сите што се пријавиле на конкурс во јануари 2018. Десет дена претходно отворено писмо упати дури и една навивачкaта група, која коментираше настани поврзани со дивеење на стадионите на други ривали навивачки групи и на безбедносните служби и на полицијата им посочи активности за нивно спречување. Отворените писма, пак, кои се однесуваат на политичките случувања и спогодбата со Грција се најмногубројни и медиумски најприсутни.

 

Фото: Игор Бансколиев