Фото: Игор Бансколиев

По најавената оставка на премиерот Зоран Заев се огласија и некои од преставниците на меѓународната заедница. Нашиот весник дополнително побара мислења и одговори и од амбасадорите и дипломатите кај нас и во светот, кои ги приложуваме во продолжение. Некои од меѓународните организации и амбасади до кои се обративме, пак, само кратко изјавија дека засега немаат коментар на случувањата во земјава

Европската комисија: Важно е земјата
да продолжи со реформите

Во изјава за „Нова Македонија“, од Европската комисија (ЕК) во Брисел велат дека тие ја нотирале најавата на премиерот Заев за оставка.
– Важно е земјата да продолжи да ги спроведува реформите поврзани со ЕУ – вели портпаролката на ЕК, Ана Писонеро-Хернандез.
Таа подвлекува дека овие избори беа набљудувани од Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, која оцени дека изборите биле конкурентни и дека се почитуваат основните слободи.
– Ги охрабруваме новите градоначалници и членовите на општинските совети да придонесат за унапредување на реформската агенда на ЕУ во интерес на сите граѓани – вели Писонеро-Хернандез во одговор за нашиот весник.

НАТО не коментира домашни политички прашања

Во своја изјава за „Нова Македонија“, Даниеле Риго, портпаролот на НАТО, вели дека стандардна практика на Алијансата е таа никогаш да не ги коментира домашните политички прашања на државите.
– Ние ја поддржуваме Северна Македонија да има континуиран и вреден придонес на нашите заеднички евроатлантски безбедносни прашања поврзани со стабилноста во регионот на Западен Балкан – се вели во одговорот на НАТО. Без коментар се и од германската амбасада во нашата земја

САД очекуваат да продолжи соработката

Американската амбасада ги следи настаните по вториот круг од локалните избори, вклучувајќи ја и најавата за оставка од премиерот Зоран Заев, изјави портпаролот на Стејт департментот.
Во изјавата се нагласува дека „САД ја сметаат Северна Македонија како доверлив и ценет партнер во регионот и со нетрпение очекуваат да продолжи соработката со Владата на Северна Македонија во областите од заеднички интерес додека го продолжува напредокот што го постигна кон евроатлантската интеграција“.

Карл Билд: Оставката е нешто што најмалку ни треба

Поранешниот шведски дипломат и добар познавач на состојбите на Балканот, Карл Билд, по оставката на Зоран Заев изјави дека неговата оставка е нешто што најмалку ни треба во моментов за да се придвижи критичката агенда на проширување кон ЕУ на Балканот.

Флориан Бибер: Добра и лоша вест

Професорот Флориан Бибер од Универзитетот во Грац, Австрија, кој важи за одличен познавач на политиките на Балканот, на Твитер напиша дека оставката на Заев може да се процени и како добра и лоша вест.
– Добрата вест е што оставката без потреба на Заев е редок чекор на политичка храброст и покажува дека преземањето политичка одговорност е возможно. Лоша вест е што опозицијата е националистичка, нереконструирана и про Орбан – вели професорот.

Грција: Промените во Македонија влијаат и на Грција

Портпаролот на грчката влада, Јанис Иконому, во однос на оставката на премиерот Зоран Заев изјави дека тамошната влада, очигледно е дека не ги коментира внатрешните случувања во други држави, ниту оние во Северна Македонија.
– Јасно е дека државите имаат континуитет и во рамките на овој континуитет се обврзани од договорите што ги имаат потпишано – рече Иконому.
Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис, во интервју за радиото Параполитика рече дека евентуалните промени во Северна Македонија влијаат и на Грција, пред сѐ поради договорот од Преспа, а евентуалната промена на ставот би создало проблеми за европската перспектива на земјата.

Александар Вучиќ: Причина за оставката е разочарувањето од ЕУ

Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека македонскиот премиер Зоран Заев поднел оставка поради неговото лично разочарување од ЕУ, објавија српските медиуми.
– Оставката на господинот Заев не е резултат на локалните избори, туку и на неговото лично разочарување од разговорите со ЕУ. Рекоа дека ако го потпише Преспанскиот договор, Северна Македонија ќе добие отворање на преговорите со ЕУ, а тоа не се случи – изјави Вучиќ.

Каракачанов: Таквото гласање е едноставно протест

И поранешниот вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, ја коментира оставката на Заев, но и резултатите од локалните избори.
– Таквото гласање е едноставно протест, а не решение на проблемите. Напротив, дури и ги продлабочува – пишува тој на социјалните мрежи.
Софиското издание „Дневник“, по информацијата дека Зоран Заев поднел оставка од премиерската функција, наведува цитат од него во кој вели дека зад победата на ВМРО-ДПМНЕ стојат надворешни сили. А.С.