Фото: Игор Бансколиев

Во исчекување на оцената на Комисијата за спречување корупција за регуларноста на еден од доделените грантови, од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), чиј директор Коста Петров и членовите на Комитетот за одобрување инвестиции претходно ги отфрлија како неосновани сите изнесени сомневања, побаравме и анализа за ефектите од државната помош доделена преку овој фонд

Комисијата за спречување корупција ќе го оценува работењето на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), од свој домен

Во јавноста сѐ почесто, од разни извори, се лиферуваат мислења на неувереност во однос на регуларноста на избор, финансирање и реализација на проектите на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Неувереноста во принципиелниот и регуларен пристап на ФИТР при избор и финансирање на поднесените апликации во одреден момент премина на ниво на сомневања, кога во јавноста излезе дел од содржините на поднесените проекти како „тренирање магариња“, „обука за гостопримство на Кипар“, „рецепт за маџун“, „рецепт за пица“, вредни десетици илјади евра…
Според последните најави на Комисијата за спречување корупција, некои од финансираните проекти на ФИТР ќе станат предмет на нејзиното разгледување и поради основите на сомневање, односно индиции за наводна поврзаност на носителите на државни функции со финансираните проекти.

Неблагодарно е јавноста да се расфрла со претпоставки, Комисијата за
спречување на корупцијата нека истражи сериозно

Фондот за иновации и технолошки развој е основан во декември 2013 година, со цел поттикнување на иновациите, пред сѐ, со државните пари, а потоа и преку обезбедување дополнителни извори за финансирање, со цел да се изгради конкурентна економија темелена на знаење. Органи на управување на Фондот се управен одбор, комитет за одобрување инвестиции и директор, кои ги именува Владата, поради што јавноста очекува конкретна одговорност и расчистување, засега, само на афери, но и да биде запознаена со конкретни резултати на финансираните проекти.
Упатените, поради сложеноста на целиот систем на финансирање и на реализација на проектите, велат оти е мошне неблагодарно да се навлегува во нивното оценување. Тоа во меѓувреме ќе го стори Комисијата за спречување на корупцијата.
– Лице што било или е функционер или е носител на јавна функција не може да биде корисник на државна помош. Ова е основата од која ние тргнуваме, да отвориме постапка за овој предмет – рекоа во Државната комисија за спречување на корупцијата по изнесените сомневања за тоа како „Солар груп“, фирма на поранешниот државен функционер Рубинчо Заревски, од Фондот за иновации и технолошки развој добила грант за иновација од 38.000 евра.
Во исчекување на оцената на Комисијата за спречување корупција за регуларноста на еден од доделените грантови, од Фондот, чиј директор Коста Петров и членовите на комитетот за одобрување инвестиции претходно ги отфрлија како неосновани сите изнесени сомневања, побаравме и анализа за ефектите од државната помош доделена преку ФИТР.
– Целокупното портфолио на ФИТР има 782 проекта, во кои заеднички со компаниите имаме вкупен обем на инвестиции од 88 милиони евра. Компаниите, само во 2020 година имале приходи од над 400 милиони евра. Нашите корисници вработуваат над 8.600 лица, со просечна плата од 561 евро. Најголем ефект од нашата поддршка има кај стартапите, односно стартапите една година пред финансирањето и две години по финансирањето имаат раст од над 197 отсто – информираа оттаму.
Наведените податоци, како што се истакнува, се однесуваат на периодот од 2015 до 2019 година, а е најавена и анализа на перформансот на компаниите кофинансирани од ФИТР, во однос на тоа како се справиле со пандемијата на ковид-19 во 2020 година.
Претходно, директорот на Фондот, Коста Петров, соочен со голем број јавно изнесени обвинувања за нерегуларности, рече дека не планира да поднесе оставка.
– Под ниеден случај не планирам да поднесам оставка. Напротив, примерот на ФИТР треба да го следат и другите државни институции, бидејќи постои систем по кој се оценуваат проектите, постои закон што се следи и се имплементирани сите можни законски регулативи за процесот да биде транспарентен и коректен – изјави Петров.

И интернационални експерти инволвирани во процесот на селекција на апликациите поднесени пред ФИТР

И претседателот на Комитетот за одобрување инвестиции (КОИ), кој го сочинуваат исклучиво интернационални експерти, Марвин Лиао тврдеше дека процесот на селекција е врз основа на строги правила и насоки и дека сите членови се независни.
– Ние се грижиме за нашата репутација и за процесот, за кој мислам дека е спроведен на многу професионален начин – беше категоричен Лиао.
Инаку, според информациите што ги дистрибуира ФИТР, претседателот на КОИ, Марвин Лиао, е поранешен извршен директор на „Јаху“ повеќе од една деценија. Тој е поранешен партнер на „500 Стартапс“ и бизнис-ангел со над 19 години искуство во ризичен капитал, технолошки бизниси и стартапи. Марвин инвестирал во 500 стартапи од 2014 година. Ашер Сидики има над 20 години искуство во корпоративен развој, со реализирани зделки вредни околу 8 милијарди американски долари. Тој бил исто така дел од „500 Стартапс“ во САД, но и дел од менаџерскиот тим што ја водеше трансформацијата на „Етисалат“ во ОАЕ. Ашер Сидики својата кариера ја започнал како претприемач во Велика Британија и САД, кон крајот на 1990-тите. Третиот од членовите на КОИ, Гунтер Фелингер, е генерален секретар на CEE BC – Австрија. Последните 28 години, Гунтер патува и придонесува за трансформација на бизнис-секторот во Централна и Источна Европа и одлично ги познава економиите и предизвиците на младите претприемачи и новите бизниси во регионот. Д-р Вибу Шарма е искусен деловен стратег за иновации. Тој има повеќегодишно искуство во иновации, лансирање нови производи, поседува неколку патенти. Ноел Грегор Патерсон-Џоунс е член на Советодавниот одбор на „Коалицијата за зелен капитал“ (Coalition for Green Capital), што претставува збирка на суверени меѓународни зелени банки, меѓународен член на Европскиот инвестицискиот стратегиски фонд (European Strategic Fund for Investment- ESFI), специјален советник на Светската банка за програмата за обврзници во Уганда, како и за Кенискиот пензиски фонд. Д.М.М.