Фото: Маја Јаневска-Илиева

Прославувањето на борбата за женски и работнички права треба да биде во чест на она што е направено во врска со таа борба, но и на она што уште останува да се унапреди!

Ова е ставот на неформалната организација за родова еднаквост „Стела“. И во тоа име тие денеска во 15 часот организираат и повикуваат на протестен марш по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената.
– Сакаме заеднички да упатиме порака дека не можеме да бидеме слободни кога сè уште се бориме за нашите работнички права, достоинство и почит и живееме под закана од насилство и системска дискриминација. Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група Јавна соба и сите жртви на родово засновано насилство. Зад статистиките стојат женски лица. Маршираме за да ги потсетиме институциите, МВР и Јавното обвинителство дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања. Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство. Бараме кривичен прогон на администраторите на групите, како и на сите членови што праќале и сѐ уште праќаат фотографии и објавуваат лични податоци на девојки и жени. Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Бараме професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции. Маршот ќе започне во 15 часот пред МВР (ул. Димче Мирчев бр. 9, главен влез), а ќе заврши во паркот „Жена борец“. И на двете локации ќе се обратиме до јавноста и институциите. Овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во практика, а не само декларативно.

Не смееме да дозволиме одржување состојба во која жртвите се множат, а институциите молчат и потфрлуваат во извршувањето на својата функција, бидејќи држава што не постапува, е држава што силува! Ве повикуваме да се облечете целосно во црно, како израз на гнев и револт. Маршот е организиран од Платформата за родова еднаквост и ќе ги почитува протоколите за безбедност. Ќе носиме маски и ќе држиме дистанца, а адекватен број редари ќе се погрижат тоа да биде така од почетокот, па до крајот на маршот – информираат и апелираат од „Стела“.
„Стела“ е непрофитна организација чија мисија и визија се да инспирира, да им дава моќ и да поврзува девојки и жени преку унапредување на пристапот до образование, можности за претприемаштво и заговарање на општествени промени. Преку менторската мрежа, „Стела“ е посветена да овозможува советување една на една за девојки и жени за високо образование и професионален напредок. „Стела“ има цел да поврзува жени од целата држава и надвор од границите, да нуди лично менторство и да служи како алатка за споделување образовни и професионални можности.
– Ние поврзуваме менторки од широк спектар на области, жени што се успешни во различни области и кои поддржуваат други девојки и жени во нивниот понатамошен развој. Се надеваме дека преку нашата мрежа ќе ја унапредиме женската солидарност, која отсекогаш била клуч за успехот на многу девојки и жени – додаваат од организацијата.
Организација „Стела“ е фокусирана на воспоставување и менаџирање на женска менторска мрежа – поддршка и советување една на една, од жени за жени што дејствуваат на волонтерска основа, во различни делови на земјата, регионот и пошироко.

– Како и организирање јавни дискусии. Креирање сигурна средина каде што жени и девојки од различни возрасти, етникуми, религии и професионални заднини може да дискутираат за системските и општествени пречки и предизвици со кои се соочуваат; организирање информативни средби и работилници за економско давање моќ на девојките и жените во руралните области; застапување за политики засновани на докази преку подготовка на трудови, извештаи и препораки базирани на истражување (вклучувајќи анализа на документи и спроведување прашалници, интервјуа и фокус-групи); кампања на социјални мрежи преку споделување информации што нудат јакнење на свеста за родови прашања, но и кариерни и образовни можности. Наша главна активност е зацврстување и унапредување на концептот на менторство како форма на волонтерство и граѓански ангажман.

Нашата менторска мрежа во моментов има над 100 менторки и над 70 регистрирани девојки и жени што бараат менторство. Процесот на поврзување на овие девојки и жени не секогаш е лесен, но „Стела“ секоја година расте и ги унапредува своите капацитети, се намера да ги услужи менторките и менторираните подобро. Се надеваме дека оваа година ќе имаме што повеќе успешни менторства и дека што повеќе девојки и жени ќе бидат дел од нашата мрежа и преку неа ќе ги исполнат нивните цели – истакнуваат од „Стела“.