Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи денес оствари средба со Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, кој престојува во работна посета во земјава.

– Унгарија е предводник на групата земји – членки на Европската Унија, кои, експлицитно, преку декларација, побараа забрзување на процесот на европско интегрирање на земјава, и отворање на преговорите – веднаш – истакна Османи, додавајќи дека покрај декларативната поддршка, која е секако многу важна.

Унгарија обезбедува и билатерална поддршка за земјава, како важен елемент во зацврстувањето на капацитетите на преговарачката структура, и конкретно за зајакнување на капацитетите на Секретаријатот за европски прашања кој е клучна институција во процесот на европски интеграции.

На средбата беа отворени темите поврзани со содржината на Извештајот на Европската комисија за земјава и заклучоците на Европскиот совет, во кои се потврди содржината на Извештајот, како и аспектите и предизвиците за европски интеграции на земјава во претстојниот период и унапредувањето на билатералната соработка меѓу двете земји.

На крајот од средбата, Османи и Сијарто се согласија дека билатералната поддршка ќе биде интензивирана во периодот кој претстои, и изразија искрени очекувања дека, во соодветната временска рамка – октомври оваа година, Советот ќе ја потврди одлуката од минатата година и Македонија ќе ги започне преговорите за полноправно членство во Европската Унија.