Османи со амбасадорите на земјите-членки разговараше за интеграциите во ЕУ и словенечкото претседателство

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска одржа вонреден тематски работен состанок со Амбасадорите акредитирани во земјите членки на ЕУ и институциите поврзани со ЕУ. Состанокот се одржа на самиот почеток на словенечкото претседателство со ЕУ, што беше и главна тема на состанокот.

– Следниот период, идните дипломатските делувања во однос на заокружувањето на нашето европско досие ќе бидат насочени кон искористување на можностите што ги нуди словенечкото претседателство, особено фактот што Словенија, како непосреден сосед на регионот, покажа посебен интерес за севкупен напредок на регионот на Западниот Балкан. Без разлика на предизвиците и сложениот политички контекст со кои се соочуваме, наша обврска е да продолжиме со несмален интензитет да го одржиме нашето досие високо на агендата кај европските престолнини – изјави Османи, потенцирајќи притоа дека стартот на преговорите останува врвен приоритет за дипломатијата и во претстојниот период.

На состанокот беше направен и пресек – резиме на сите дипломатски активности преземени за време на португалското претседателство, при што Османи изрази задоволство од високото ниво на посветеност и интензивна активност на дипломатската мрежа кои ја позиционираат Северна Македонија високо во меѓународните односи. Во тој контекст на маса беа ставени и преземените обврски со нашето зачленување во НАТО и претседавањето со ОБСЕ во 2023г.