По повод одбележувањето на Светскиот ден за слобода на медиумите, Секретаријатот за европски прашања, во Клубот на пратенците организираше неформален брифинг и појадок со претставниците на медиумите на кој се дискутираше на мноштво теми од општествен интерес.

– Денеска е светскиот ден на слободата на известувањето, што секако претставува еден од темелните, можеби и најважен сегмент, на кој почива изградбата на едно современо демократско општество, истакна Османи во своето воведно обраќање пред почетокот на неформалниот брифинг со претставниците на медиумите.

Тој потенцираше дека медиумската сфера не претставува изолиран систем, туку слободата на медиумите се гради преку изградбата на стабилни институции, владеењето на правото, транспарентноста на Владата и државните институции, конкурентност, почитување на правилата и дека затоа слободата на медиумите претставува јасна слика за состојбата во општеството, за степенот на демократскиот развој, воопшто за степенот на цивилизациски развој.

– Се надевам дека ова дружење ќе може да прерасне и во традиција со што секоја година ќе го одбележуваме овој важен ден, како потсетник дека медиумската слобода треба постојано да се негува, а нејзината придобивка, соодветно да се одбележи, заклучи Османи.

Во текот на брифингот, претставниците на медиумите имаа можност да ги постават сите прашања околу актуелни општествено политички случувања, како и да ги понудат своите видувања, своите размислувања, забелешки и коментари, соопштија од СЕП.