Секое поместување од тоа што го работела Комисијата значи дека се минира целиот процес, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, истакнувајќи дека за празнувањето на Свети Кирил и Методиј постигнат е консензус и дефинитивен текст како да се интерпретира улогата и како да се одбележат заеднички меѓу двете држави.

Министерот оцени дека расправата во бугарскиот Парламент за преименување на 24 мај во ден на бугарската писменост, не е во согласност со Договорот и со работата на Комисијата. Вели дека ние не бегаме од обврските од Договорот за добрососедство, па истото не треба да го прави и Бугарија во однос на поддршката за евроатлантските перспективи на земјата.

Во врска со решавањето на прашањето со Гоце Делчев, Османи оцени дека со ладна глава треба да се пристапи кон овие прашања, бидејќи има простор за меѓусебно разбирање. Сепак, како што рече Османи се чувствува тензија и недоразбирање.

– Има чувство од нивна страна дека договорот со недоволна динамика е имплементиран, иако и нашите контра-аргументи дека девет средби за 18 месеци и не се потценување, затоа што тоа се тешки теми и бараат анализи – изјави Османи.

Според министерот, евенетуално неодржување на првата меѓувладина конференција во декември би бил неуспех за Македонија, Бугарија, германското претседателство, како и за сите учесници во Берлинскиот процес.

Османи е дециден дека преговарачката рамка е уставот на преговарачкиот процес, а нејзината содржина ќе ја утврди структурата и тежината на преговорите.