Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на работната посета на Швајцарската Конфедерација се сретна со сојузниот министер за надворешни работи на Швајцарската Конфедерација, Игнацио Касис, која се случува за првпат после 12 години на нивно на шефови на дипломатии.

Во фокусот на разговорите беше збогатување на билатералните односи, преку интензивирање на договорната состојба, економската соработка, состојбите поврзани со пандемијата, актуелни прашања од доменот на меѓународната и регионалната политика, како и соработката во бројните мулатилатерални организации, во кои негуваме партнерски однос со Швајцарија.

– Од огромно значење е швајцарската развојна помош, во рамките на најновата Стратегија за Северна Македонија за периодот 2021-2024, со која ќе бидат алоцирани дури 72 милиони швајцарски франци за нашата земја. Овие средства наменети за трите тематски области: демократско управување; вработување и економски развој; инфраструктура и животна средина претставуваат значаен придонес и поттик за натамошниот економски и демократски развој на нашата држава, за спроведувањето на реформите, како и основа за продлабочување на билатералните односи – истакна Османи.

Министрите разговараа и за претстојното претседавање на Македонија со ОБСЕ во 2023 година, како и можностите за примена на швајцарските искуства и добивање на конкретна швајцарска помош и експертиза во рамките на оваа мултидисциплинарна Организација, која третира бројни предизвици и постигнува конструктивни решенија.

Османи и Касис зборуваа и за бројната дијаспора по потекло од Македонија која живее и работи во Швајцарија, придонесува во развојот на ова држава, а преку тоа, и во градењето на просперитетот на Македонија.

– Нејзината конструктивна улога е силен и цврст мост на зближување на нашите две пријателски држави – нагласи Османи.

Посетата на министерот Османи на Швајцарија продолжува во Сион, каде ќе има средби со повеќепретставници на нашата дијаспора и веднаш потоа заминува за Мадрид на средба со министерката за надворешни работи, Европска Унија и соработка на Шпанија, Аранча Гонзалес Лаја и други шпански претставници.


Османи на средби со дијаспората во Швајцарија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за време на работната посета на Швајцарската Конфедерација отпатува и за Сион, главен град на кантонот Вале на средби со повеќе наши граѓани, како и со претставници на повеќе здруженија на дијаспората.

Интересите, загриженостите, но и потребите на дијаспората, комуникацијата со државата, достапноста на услугите кои ги користат граѓаните во странство, потенцијалите за нивно враќање во Македонија, но и текот на попишување на тамошната дијаспора во рамките на пописот, беа дел од низата теми на дискусија за време на средбите.

– Резултатите од Пописот ни требаат за да имаме основа за донесување на развојни политики засновани врз прецизни податоци кои повторно, ќе бидат од директна полза на граѓаните, од полза на нашата дијаспора – истакна Османи.

Министерот потенцираше дека оваа дијаспора, нејзината интегрираност во швајцарскиот систем е огромна можност за продлабочување на соработката со матичната држава, преку различни проекти и соработка, што ќе биде од голема полза за развојот на Македонија.

– Според некои податоци, околу 70.000 граѓани на Република Северна Македонија живеат и работат во Швајцарија, од кои речиси 30.000 имаат добиено швајцарско државјанство, но Пописот треба да ја покаже вистинската бројка и многу други податоци, преку кои ќе можеме да ги засилиме врските и да креираме политики, ориентирани кон засилена соработка со дијаспората – нагласи Османи.

Министерот ги запозна иселениците и со проектите кои Министерството за надворешни работи ги презема за унапредување и олеснување на комуникацијата со дијаспората, како што е проектот „Е-конзулат“, со кој се предвидува дигитализација на поголемиот број услуги кои им се од важност за нашите граѓани кои се наоѓаат во странство.

Османи од Швајцарија патува за Мадрид каде ќе има средба со својот домаќин, министерката за надворешни работи, Европска унија и соработка на Шпанија, Аранча Гонзалес Лаја. Османи во Мадрид ќе се сретне и со Аурора Мехија, Директор за Европска унија и главен советник во кабинетот на претседателот на Владата, Педро Санчез, а ќе има средба и со претседателот на Комисијата за надворешни работи во Сенатот, Антонио Гутиерез Лимонеси. Во рамките на престојот во Мадрид, Османи ќе се сретне и со Генералниот секретар на Светската туристичка организација Зураб Пололикашвили.