Во рамките на одбележувањето на европските денови во земјава во просториите на Секретаријатот за европски прашања се одржа панел-конференција на тема „Западен Балкан и евро-атлантските вредности“ на која покрај заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и ко-организаторот, директорот на Агенцијата за спроведување на Законот за употреба на јазиците, Илбер Села, учествуваа и домашни претставници и експерти од земјите од регионот.

-Се наоѓаме во еден исклучително динамичен период, во кој промените се случуваат со голема брзина, при што темата „Западниот Балкан и евро-атланските вредности“ на денешната панел-конференција е од исклучителна важност за сите земји од регионот во рамките на која можеме заеднички да дебатираме и да изнесеме аргументации за тоа со каква брзина, ние, земјите членки од Западниот Балкан, ги интегрираме, ги имплементираме европските и евро-атлантските вредности, имајќи ги нашите недвосмислени амбиции за членство во ЕУ и НАТО, истакна Османи.

Во продолжение панелистите дебатираа за предизвиците со кои се соочува регионот, особено од аспект на европските и евро-атлантските интеграции, изразувајќи суштинска поддршка за процесот, како носечки елемент на напредокот на сите земји од Западниот Балкан. Во ова смисла беше нотиран и напредокот на земјава, чиј успех се посочува како позитивен пример за затворање на отворените прашања и посветеност кон реформите.