Вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бујар Османи, денес оствари средба со Шефот на делегацијата на Европската Унија во земјава, Самуел Жбогар.

На средбата било разговарано за текот на изборите и постизборната атмосфера во насока на политичката стабилност на земјата.

– Во сложени околности под притисок на предизвиците од пандемијата имавме фер, слободни и компетитивни избори на кои граѓаните покажаа политичка зрелост, потврдувајќи ја европската перспектива на земјата“, истакна Османи, изразувајќи притоа надеж дека европската перспектива ќе биде потврдена и во постизборниот период при создавањето на новото политичко мнозинство. На земјата и е потребна стабилна и функционална Влада, со европска перспектива, која ќе може адекватно да се подготви и да ги започне претстојните преговорите со Европската Унија, како и да биде гарант за регионалната стабилност при решавање на важните регионални прашања – посочи Османи.

Вицепремиерот изрази задоволство од постигнатиот консензус во Европската Унија за повеќегодишната финансиска рамка, поздравувајќи го притоа и зголемувањето на средствата предвидени за земјите од Западниот Балкан за 10 отсто.