Заврши првиот ден на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи, на кој учествуваше и министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, што се одржа во седиштето на алијансата во Брисeл.

Ова е прв состанок со физичко присуство на министер за надворешни работи на министерските состаноци од нашето зачленувањето во НАТО, истакнуваат од кабинетот на Османи.

На денешните две сесии министрите се осврнале на прашања од стратешки приоритет за алијансата, како што се регионалната стабилност, хибридни и сајбер-предизвици, контрола на оружјето, разоружувањето и непролиферацијата. Била разгледана и стабилноста во соседството на НАТО и борбата против тероризмот, како и состојбите во Авганистан и Ирак.

На посебна сесија министрите ги изнеле своите сугестии и видувања во однос на развојот на документот „НАТО 2030“, кој ќе биде предмет на усвојување на претстојниот состанокот на шефовите на држави и влади на Северноатлантскиот совет.

Во своите излагања министерот Османи ја истакна посветеноста на нашата држава како нов сојузник во рамките на алијансата, во зајакнување на регионалната безбедност, како и активна партиципација во рамките на одржувањето на глобална безбедност.

Османи го потенцирал придонесот на земјата во однос на приоритетите на алијансата во справувањето со безбедносните закани и предизвици. Во тој контекст министерот Османи го истакнал значењето што алијансата го придава на борбата против тероризмот и преземените натамошни активности за справување со оваа закана. Изразил и поддршка на стратешките предлози во врска со натамошниот концептуален развој на иднината на алијансата содржани во „НАТО 2030“.

– Агендата на ‘НАТО 2030’ во вистинско време нуди амбициозни видувања за иднината на алијансата во наредната деценија. Ние се согласуваме со поставените цели – НАТО да остане воено силен, да стане политички посилен и да има позасилен глобален пристап – истакна Османи.

Во рамките на Советот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, Османи се сретна и со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен. Тема на разговори била стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, што претставува основа за долгорочно пријателство меѓу двете земји.

На маргините на состанокот министерот Османи оствари билатерална средба со министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар. На средбата биле отворени повеќе актуелни теми – за билатералните односи, европската перспектива на земјата, особено со фокус на претстојното претседателство на Словенија со ЕУ во втората половина на 2021 година.

– Нашата цел е јасна, полноправно членство во ЕУ и сите наши напори се во таа насока, да работиме на европски начин за да ги достигнеме европските вредности. Очекуваме валоризација на постигнатото од нашите партнери – посочи Османи на средбата со Логар.

Министерскиот состанок на НАТО продолжува и утре со многубројни теми важни за иднината на алијансата од интерес на зачувување на мирот и безбедноста на светскиот поредок.