Прашања поврзани со активностите на Владата во насока на подготовка за почеток на пристапните преговори, биле тема на денешната заедничка средба на вицепремиерот за европски прашања и главен политички преговарач Бујар Османи и заменик на главниот политички преговарач, Бојан Маричиќ, во Секретаријатот за европски прашања со Амбасадорот на Кралството Холандија Вилем Ваутер Пломп.

Како што соопшти СЕП, на состанокот вицепремиерот Османи ја потенцираше и интензивната работа на подготовката на тимот и структурата за преговори.

– Вицепремиерот Османи истакна дека Република Македонија интензивно ќе продолжи и со реформските процеси, особено во делот на судството, безбедносните служби и јавната администрација, како и во делот за борбата против организираниот криминал и корупција, но нема да ги изостави и рефромитево сите останати клучни области – се наведува во соопштението.

Соговорниците посебно се осврнале на претстојниот референдум, при што вицепремиерот ја потенцираше улогата и одговорноста на политичарите, но и на секој поединец за донесување правилна одлука во интерес на иднината на Македонија.

– Евроатлантските перспективи на Владата се недвосмислени и цврсти. Ние сите целосно сме посветени на имплементацијата на превземените обврски, а уверен сум дека и граѓаните на Република Македонија ќе донесат правилни одлуки за иднината на земјата – истакна Османи изразувајќи очекување да продолжат со ист интензите добрите односите меѓу двете земји и искрената поддршка од страна на Кралството Холандија за нашите евроатлантски процеси, особено во овој клучен период за иднината на земјата.