Четирите политички партии во Бугарија што преговараат за нова владејачка коалиција, Продолжуваме со промените, БСП, Има таков народ и Демократска Бугарија ги започнаа дискусиите за надворешната политика на Бугарија, при што се договорија за конструктивен дијалог со земјава.
Самата најава за политичка влада во Бугарија ќе го олесни процесот и дава оптимизам дека ова прашање оди кон решение, рече министерот Бујар Османи за вчерашниот епилог од средбата на четирите партии во Бугарија.
– Ја следевме вчерашната дебата и ставовите на политичките партии. Очекувам тоа да се преточи во конкретни ставови. Позициите се јасни на двете страни и треба само промена во пристапот и фокусот – рече Османи.
Тој рече дека преговорите со техничката влада на Бугарија никогаш не запреле и дека во моментов се работи на подготовка на одговорите на 5+1 точки, што треба да биде основа за продолжување на преговорите. Сепак, додаде дека клучен момент е вклучување на политичка влада, но истакна дека мора да се продолжат преговорите.