Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска оствари средба со американската амбасадорка, Кејт Мери Брнз.

Како што информираат од МНР, соговорниците ги оцениле билатералните односи меѓу двете земји како исклучително цврсти и пријателски, засновани на стратешкото партнерство и членството во НАТО.

Министерот Османи ја брифирал амбасадорката за најновите политички актуелности, со посебен фокус на активностите поврзани со европската перспектива на земјава во периодот што следи.

– На средбата беше изразено задоволство од континуираната и клучна поддршка што САД ја даваат на Република Северна Македонија во насока на остварување на нејзините стратешки надворешно политички аспирации. Притоа Османи ја нагласи исклучително важната улога на САД во постигнувањето долгорочна стабилност, натамошна демократизација и просперитет на регионот – се наведува во соопштението за средбата.