Министрите за надворешни работи на Македонија и Германија, Бујар Османи и Хајко Мас, се сретнаа денеска попладне во Берлин.

На средбата се разговараше за теми поврзани со европската интеграција на Република Северна Македонија, како и за најновите регионални случувања. Главниот фокус на состанокот беше ставен на завршување на стратешката цел на Македонија, членство во ЕУ, и во тој контекст очекувањата и перспективите за следниот самит во Брдо на ЕУ-СБ во Крањ, Словенија.

– Пријателите и партнерите ги земаат предвид меѓусебните перспективи и интереси. Нашиот состанок беше длабинска размена за изгледите за следниот исчекор на Северна Македонија кон Европската Унија. Привилегија е да се има Германија за пријател и поддржувач, која искрено помага да се реализираат овие наши стратешки цели како важна геостратешка инвестиција – истакна Османи.

На средбата соговорниците разговараа и за севкупниот развој на билатералните односи, економската соработка, ситуацијата во врска со пандемијата на ковид-19, актуелните надворешнополитички прашања, како и соработката во многубројни мултилатерални организации, соопштија од Министерството за надворешни работи.

– Крајно време е Европската Унија да ја спроведе консензуалната одлука донесена во март 2020 година и да почне пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Сакам да изразам целосна поддршка за словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, кое вети дека ќе стави крај на сегашниот ќор-сокак. Самитот во Брдо мора да испрати недвосмислена порака за остварливоста за пристапување на Западен Балкан. Политиката за проширување ќе добие голем кредибилитет со напредок во досието на Северна Македонија набргу. Сакам да истакнам дека постои силен консензус меѓу политичките партии во германскиот Бундестаг во однос на нашата континуирана поддршка за пристапниот пат кон Западен Балкан во ЕУ. Нашиот ангажман ќе продолжи низ и надвор од тековната фаза на транзиција и по формирање на новата влада – истакна министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас.