Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамки на посетата на Брисел, денеска, оствари работна средба со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, каде брифираше за напредокот на земјава на полето на имплементацијата на обврските од процесот на европски интеграции.

-Планот 18 е веќе усвоен на Влада и неговата имплементација, сега засега, се одвива непречено. Очекувам навреме да бидат адресирани сите клучни области и да се создадат услови за конфирмација на одлуката за почеток на преговорите, изјави Османи на средбата.

Како што соопшти СЕП, вицепремиерот Османи се осврнал на напредокот во имплементацијата на реформите на клучните области, особено по откочувањето на Собранието со првото зелено светло за уставните измени.

-Собранието го даде првото зелено светло за уставните измени согласно договорот од Преспа, со што, не само што се отвори патот за имплементација на обврските од Договорот, туку се создадоа услови и за забрзување на реформскиот процес на земјата согласно заклучоците на Европскиот совет од јуни, истакна Османи.

Тој при тоа го потенцираше и напредокот на односите меѓу Македонија и Грција, кои се унапредуваат со забрзано темпо.

-Лично присуствував, заедно со колегата од Грција, Јоргос Катругалос, на првиот лет по 10 години пауза меѓу Атина и Скопје, со што и симболично, но и суштински ги приближивме двата главни града на оддалеченост од само еден час, истакна Османи, посочувајќи и на усогласеноста меѓу двете земји околу трилатералната иницијатива меѓу Македонија, Грција и Албанија за одржлив развој на регионот Преспа, како и на иницијативите за стратешко партнерство со Грција и нивна поддршка за европските интеграции на земјата.

Османи го информираше Хан, се посочува, и за напредокот во подготовката на преговарачката структура за почеток на преговорите. Според него, активно се работи на вклучување како на граѓанскиот сектор, така и на академската заедница во преговарачката структура, процес кој, вели, очекува дополнтелно да ја засили преговарачката стручност и ефикасност на државата.

-Имаме напредок по сите траектории – адресирањето на итните реформски приоритети и препораките врзани за европските интеграции; имплементација на обврските од договорите со Бугарија и Грција и напредок во добрососедските односи; како и подготовка на тимот и преговарачката структура за почеток на преговорите, истакна Османи, упатувајќи уверување до еврокомесарот Хан дека Македонија успешно ќе се приклучи на Стратегијата на Комисијата за проширување со земјите од Западниот Балкан и ќе успее да ја оствари Агендата 2025.

Во рамките на посетата на Брисел, Османи одржа и неформален брифинг со претставници на Работната група при Советот на ЕУ за Западен Балкан (КОВЕБ), каде го претстави Планот 18, наведуваат од СЕП.