Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров во Загреб се сретнаа со хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, во период кога Хрватска е претседавач со Советот на Европската Унија во првата половина од годинава.

За време на изјавите по средбата, Османи во однос на новата методологија кажа дека документот навистина претставува одлична основа за политички контролиран, но и фер процес на преговори.

– Не е само бирократското и техничко постигнување бенчмаркови, туку процес кој ќе обезбеди јасни критериуми за забрзан развој што ќе биде видлив и за земјите од Унијата, но и за граѓаните на земјите кои преговараат. Ако искрено очекуваме процесот на преговори да претставува процес кој ќе бележи опиплив, долгорочен и одрлив напредок за земјата, тогаш не треба да нè плаши, барем не како граѓани, можноста да се констатира уназадување, па дури и можноста за казни – оцени вицепремиерот за европски прашања, кој додаде дека новата методологија е подобра за граѓаните, но посериозен предизвик за политичарите.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров кажа дека нашата земја на некој начин има среќа што токму во овој период Хрватска претседава со ЕУ.

– Ова е време на предизвици, но подеднакво и на можности. Новата методологија на ЕК може да биде многу добра за оние кои ќе бидат успешни во спроведувањето на реформите, но и лоша за оние кои ќе бидат неуспешни. Северна Македонија планира да биде добар студент и ќе ги искористи бенефитите од новиот пристап. Очекуваме пробив во март и ќе им помогнеме на хрватските колеги да имаат успех на Загрепскиот самит во мај – изјави Димитров.

Како што информираат од владината прес-служба, работната посета на Загреб била заокружена со средба на Османи и Димитров со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.