Имаме недвојбена поддршка не само од Холандија, туку од сите земји членки на Европската Унија. Останува прашањето со Бугарија, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање во однос на информациите во бугарскиот весник „24 часа“ кој тврдеше дека и Холандија и Данска се против почнување на пристапни преговори на Македонија со ЕУ.

Министерот за надворешни работи се осврна и на реакцијата на холандската амбасада во Скопје во која беа демантирани пишувањата во бугарскиот весник.

– Холандскиот министер за надворешни работи во холандскиот парламент јасно ја образложи поддршката за започнување на преговори на Македонија, констатирајќи го напредокот на земјата, и за надминување на разликите и за реформскиот пат – истакна Османи.