Без учество на релевантните политички фактори изборите ќе предизвикаат криза, посочува Бујар Османи од ДУИ, според кого, таа криза ќе прерасне во институционална и ќе ги загрози преговорите со Европската Унија.

Тој рече дека изборите денес се повеќе потребни од претходно кога беа договорени за 12 април. Смета дека само со политичка Влада и функционално Собрание, државата ќе може да се справи со последиците од коронавирусот.

– Исправени сме пред нов предизвик, како да ја заокружиме оваа неприродна состојба без да предизвикаме нова политичка криза, која навистина не ни е потребна. Завршувањето на вонредната состојба не значи дека е завршена епидемиолошката закана и потребата од ефикасно справување со последиците од пандемијата, туку напротив, потребна е стабилна и одговорна Влада, со политичко мнозинство која во целост ќе ја преземе одговорноста за сите предизвици кои се пред нас. Изборите денес ни се многу повеќе потребни, отколку во декември минатата година кога со консензус одлучивме дека ќе имаме предвремени избори. Но во исто време, изборите имаат смисла само ако граѓаните навистина имаат избор да ги изберат претставниците кои ќе ги претставуваат во Парламентот. Без учество на релевантните политички фактори, изборите во овие услови ќе претставуваат нова политичка криза, која како по правило кај нас се претвора во институционална криза, за потоа да стане закана и за евентуална безбедносна криза. Би било неодговорно ако тоа го дозволиме. Почетокот на преговорите претставува најголемиот стратешки приоритет на државата, за кој секако барем декларативно имаме консензус. Нема ништо паметно во тоа најважниот проект за граѓаните да го загрозиме поради политичка незрелост, политичко надмудрување и партиски тактики, ставајќи ги партиските цели пред стратешките – рече Османи.

Вонредната состојба jа оцени како начин на кој Владата успеала да донесе мерки за да државата се справи со последиците предизвикани од вирусот, во моменти кога нема функционално Собрание.

– Со формалното завршување на вонредната состојба ние влегуваме во уште поголема состојба на политичка вонредност, која се заканува да прерасне и во политичка криза која во овој момент апсолутно не ни е потребна. Претстојните избори не се закажани сега туку уште минатата година кога со политички консензус беше утврден 12 април за сите политички фактори. Во меѓувреме не пресретна голема здравствена криза наречена ковид-19 која со себе повлече длабоки економски и социјални последици кои мораа итно да бидат адресирани. Повторно со широк консензус, а преку вонредната состојба прогласена од Пендаровски на Владата и беа доделени огромни ингеренции кои според Уставот му припаѓаат на Собранието, за да ја подготви земјата да се справи со овие последици. Тоа го направивме најдобро што знаевме и умеевме. Граѓаните на претстојните избори ќе имаат можност да дадат оценка и за оваа наша работа. Тоа е суштината на демократијата – додаде Османи.