Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и натаму смета дека на 5 јули може да се одржат предвремените парламентарни избори, а во однос на кампањата рече дека во вакви услови на сите им е јасно дека нема да може собири и средби со граѓаните.

За продолжувањето на вонредната состојба, Османи рече дека утре ќе се направи процена по што ќе се даде предлог до претседателот Стево Пендаровски.

– Во однос на изборите, на сите ни е јасно дека во вакви услови, класична кампања, во смисла на собири и средби со граѓаните, не може да има. Дилемата е повеќе дали изборниот ден се разликува од другите секојдневни активности на граѓаните кога ги вршат своите нормални животни функции. Тоа ќе се има предвид при донесување на конечната одлука. Датумот на избори треба формално да го потврди претседателот на Собранието изменувајќи ја одлуката за распишување на изборите од 12 април. Да почекаме да видиме уште неколку дена како ќе се одвиваат консултациите и пресекот на епидемиолошките трендови – рече Османи.

За уредбата, која е изгласана вчера од страна на Владата, а во која останува рокот од 22 дена по истекот на вонредната состојба да се одржат изборите, Османи рече дека се допрецизирале обврските што ќе ги има Министерството за здравство, односно начинот на обезбедување заштитни средства за Државната изборна комисија.

– Со вчерашната уредба направивме прецизирања од аспект на контролата на изборната листа повикувајќи се на законската норма, но и неколку обврски, кои ќе ги има Министерството за здравство, за да ги обезбеди заштитните средства за ДИК. Јас сè уште се надевам дека комуникацијата помеѓу политичките партии ќе продолжи идните денови, сè уште мислам дека има простор за еден правичен, инклузивен процес на 5 јули. Во врска со вонредната состојба, очекувам дека процената ќе се направи во текот на утрешниот ден и не сакам да прејудицирам бидејќи идејата беше на крајот од неделата, еден ден пред да истече рокот, да направиме еден пресек на епидемиолошките трендови и потоа да му предложиме на претседателот понатамошни одлуки – додаде Османи.

Тој рече дека ниту на политичарите не им е лесно да зборуваат за избори во време на зголемен број заболени од коронавирус, но ќе се обидат да управуваат и со двете состојби.

– Здравјето на граѓаните е пред кој било општествен процес. Темата избори ни е наметната поради тоа што сме уникатен пример во светот, кој во текот на пандемијата нема функционален парламент по ничија вина затоа што се распушти Собранието со намера да имаме избори на 12 април. Не ни е лесно ни нам како политичари да зборуваме за избори во услови на зголемени бројки, но наметната е како тема и се обидуваме да управуваме и со двете состојби. Тешкотиите се поради немање функционално Собрание, техничката Влада е наменета за избори, а не за справување со пандемијата, со сите ограничувања што ги има и, од друга страна, овој втор бран од епидемијата – рече Османи.