Она што претставува нова реалност во Македонија е фактот дека како актер на меѓународната сцена дебатираме и одлучуваме директно во Агендата на НАТО 2030, која навремено ги адресира промените во стратешкото опкружување, согласно стратешките цели и интереси на земјата, истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пред Комисијата за надворешна политика на Собранието, на која презентираше по однос на точката на дневниот ред во однос на прашањето за почеток на пристапните преговори со ЕУ за време на португалското претседателство, а во контекст на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.

Во таа насока, Османи до членовите на Комисијата за надворешна политика апелираше на нивна соработка и кооперативност во смисла на градење на квалитетна и широка дипломатска мрежа.

– Испраќањето амбасадори не треба да биде дел или да биде жртва на некакви актуелни политички несогласувања или дневни надмудрувања. Тоа е процедурална должност на сите инволвирани институции, свесни за потребата од активна функционална и професионална дипломатија, во интерес на сите граѓани на Северна Македонија – истакна Османи.

Осврнувајќи се на нашето членство во ЕУ, Османи нагласи дека државата успеала да обезбеди јасна поддршка за напорите за неодложно започнување на преговорите, за што доказ е енергичноста и посветеноста на Германското претседателство со Советот на ЕУ, како и охрабрувачката поддршка од Португалија, која отворањето на преговорите со Македонија и Албанија, го има високо на агендата.

Османи потенцираше дека Македонија демонстрираше проактивен, позитивен и конструктивен пристап на сите можни нивоа.

– Она што знам дека најважното прашање за кои се загрижени граѓаните, а ценам дека секогаш сме биле јасни е дека идентитетските прашања, како што е македонскиот јазик, македонската етничка посебност, не се и не може да бидат на масата како дел од преговорите. Процесот е сложен а целта е заедничка, одржување на Првата меѓувладина конференција и формално започнување на пристапните преговори со ЕУ – заклучи Османи.

Министерот Османи во Скопје допатува од Братислава, каде, заедно со својот словачки хомолог, Иван Корчок, свечено ја отвори Амбасадата на Република Македонија во оваа земја.