Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, имаше средба со новата амбасадорка на Португалија во Република Македонија, со седиште во Белград, Марија Виржиња Мендес да Силва Пина.

Упатувајќи честитки до новата амбасадорка, Османи изразил надеж дека дипломатското искуство но и личниот ангажман ќе даде значаен придонес во продлабочувањето на односите помеѓу двете земји.

Како што соопштија од Кабинетот на Османи, централна тема на средбата биле предизвиците поврзани со европските интеграции на Република Македонија, а во пресрет на Самитот на ЕУ во март, во насока на потенцијалите за почеток на преговорите со ЕУ пред мајскиот самит посветен на Западниот Балкан.

– Ние сме подготвени за почеток на преговорите, се надевам дека и Европската Унија ќе ги создаде неопходните услови за продолжувањето на процесот на проширување со земјите од Западниот Балкан – истакна Османи, посочувајќи на позитивните сигнали кои доаѓаат од Европската Комисија и од земјите-членки поврзани со новата методологија за проширување.

Османи се заблагодарил за досегашната поддршка од страна на Португалија кои биле јасно изразени преку ратификацијата на Протоколот за НАТО, но и поддршката од земјата на претходните самити.