Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денес одржа прес конференција во Владата на која ги презентираше најновите актуелности поврзани со процесот на европски интеграции на земјата, како и за активностите на Владата во остварувањето на соработка со институциите на ЕУ во справувањето со епидемијата од ковид-19.

– Во исклучително сложени услови под кои функционираат институциите на ЕУ, под силен притисок на предизвиците во соочувањето со ковид-19, доцна синоќа, телото кое го сочинуваат претставниците на земјите – членки на ЕУ во Брисел, познато како КОРЕПЕР, го усогласија првиот консензус – заклучокот за почеток на преговорите со Република Северна Македонија – истакна Османи, посочувајќи дека овие заклучоци ќе се најдат на следната седница на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК), каде се очекува овие заклучоци да бидат потврдени.

„Ова е важна вест, не само како потврда за нашиот успех, туку и важна вест во овие моменти кога и ние се соочуваме со предизвиците од епидемијата предизвикана од вирусот ковид-19. Покрај заканата за јавното здравје, оваа епидемија претставува и огромен предизвик за одржување и на пристојна економска активност, и финансиската стабилност на земјата. А како земја кандидат за членство во ЕУ, и еве очигледно наскоро, како земја – преговарач, очекуваме да бидеме дел од пакетот мерки, активности и протоколи, кои во моментот се подготвуваат од страна на Европската Комисија ” истакна Османи, претставувајќи дел од мерките за соработка и помош од ЕУ, за кои Владата со писмо се обрати до Европската Комисија.

Османи во продолжение престави дел од првичните мерки кои во име на Владата со писмо до Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ги претстави на Европската Комисија.

Вклучување во Европскиот солидарен фонд за природни непогоди, кој на барање на Европската Комисија ќе биде проширен и за справување со последиците од ковид-19, а во кој пристап имаат земјите – членки и земјите кои преговараат за членство;
таканаречена награда за успешност (Перформанце аwард) во износ од 50 милиони евра, која ни беше доделена поради успешна реализација на ИПА средствата, да биде пренаменета во поддршка за справување со предизвиците од епидемијата, наместо за приоритетите за кои првично беше планирана; согласно иницијативата на Европската Комисија, за финансиска поддршка за ликвидност на претпријатијата погодени од епидемијата, побаравме пристап до овие средства и на Банката за поддршка на развојот на Република Северна Македонија, со што би се обезбедиле брзи краткорочни заеми за поддршка на ликвидноста на нашите мали и средби претпријатија; измена и на минималните критериуми за искористување на фондовите од ИПАРД 2 програмата, во кои сметаме на зголемување на делот што претставува учество на ИПА фондовите, а на сметка на сопствениот капитал на производителите на храна и земјоделците. Само за потсетување, ваквата слична мерка беше применета и за време на кризата со поплавите, кога учеството на ИПА фондовите беше 75 отсто.

Покрај учеството во програмите и мерките на Унијата, Османи пренесе дека ќе побара од Европската Комисија, земјава да биде исклучена од рестрикциите на единствениот пазар на ЕУ, а кои се однесуваат на најмногу на медицински материјали и опрема.
На крајот, Османи информираше за одлуката на Норвешка идно да ослободи 3,2 милиони евра за итна реализација преку програмата на УНОПС, средства кои веднаш се ставаат на располагање на Македонија, Србија и Црна Гора, за медицински материјали, препарати и средства.