Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска телефонски разговораше со новоизбраниот премиер на Република Косово, Авдула Хоти, при што упати честитки за изборот на новата влада, соопштија од Кабинетот на Османи.

– Во овие сложени времиња на заканата од пандемијата на ковид-19 ова се добри вести, кои навестуваат политичка стабилност не само за Косово туку и за целиот регион. Дозволете, во името на Владата на Република Северна Македонија да ви честитам на изборот со надеж дека заедно, како непосредни соседи, ќе продолжиме во изградбата на пријателски односи, во насока на исполнување на нашата заедничка цел – европската интеграција на двете земји и воопшто на целиот регион – рекол Османи, пишува во соопштението.